Во последните 24 часа во Индија се пријавени 346.786 нови случаи на инфицирани со коронавирус, што трет ден по ред претставува нов светски рекорд, додека болниците во земјата молат за набавка на кислород, соопшти денеска Министерството за здравство.

Индија е во средиштето на интензивниот втор бран од пандемијата. На секои четири минути во Њу Делхи, умира по едно лице од Ковид-19, додека финаниски слабиот здравствен систем е во големи проблеми.

Владата распореди воени авиони и возови за да донесат кислород од другите делови на земјата во Њу Делхи. На локалната телевизија се прикажани камиони со кислород на пат кон болницата „Батра“ во Њу Делхи, откако било издадено барање за помош бидејќи за 260 пациенти бил останат кислород за само 90 минути.

-Ве молиме, помогнете ни да добиеме кислород, тука ќе има уште поголеми трагедии, апелираше главниот министер на Њу Делхи, Арвинд Кејривал, до премиерот Нарендра Моди од прес конференција.

Кризата се чувствува и во други делови на земјата, а неколку болници издадоа соопштенија дека немаат медицински кислород. Локалните медиуми јавуваат за неодамнешните смртни случаи на пацинети во болниците во Џаипур и Амритсар поради недостаток на кислород.

Индија пред два дена го надмина рекордот на САД од 297.430 дневни инфекции со коронавирус и сега е глобален епицентар на пандемијата, која во многу други земји е во тенденција на слабеење. Индиската Влада во февруари самата се пофали дека го победила коронавирусот, кога новите случаи беа на најниско ниво од почетокот на пандемијата.

Смртноста од Ковид-19 низ цела Индија во послендите 24 часа е зголемена за нови 2.624 случаи, што е највисока дневна стапка на смртност во земјата досега. Крематориумите во Делхи се исполнети, а ужалените семејства мораат да чекаат во ред за покојните