Инфлацијата во САД благо забрзала во февруари, како одраз на многу поблагиот пад на цените на бензините и гасот, покажа извештајот на Министерството за труд објавен во вторникот.
Годишната стапка на инфлација во најголемата светска економија во февруари изнесува 3,2 отсто, покажуваат податоците на Министерството. Во јануари изнесуваше 3,1 отсто.
Без цените на храната и енергијата, базичната инфлација изнесува 3,8 отсто и е за 0,1 процентен поен пониска во однос на јануари, покажуваат пресметките на Министерството.
Цените на храната пораснаа за 1,0 отсто во февруари, нешто поблаго отколку на почетокот на годината.
Бензинот, пак, поевтини за 3,9 отсто во однос на ланскиот февруари. Во јануари нивните цени беа за 6,4 отсто пониски од пред една година.
Домаќинствата во февруари потрошиле 8,8 отсто помалку на гас. Во јануари енергенсот беше дури 18 отсто поевтин од претходната година.
На месечно ниво, потрошувачките цени во февруари пораснаа за 0,4 отсто, нешто посилно од почетокот на годината. Истиот процентуален раст е забележан и кога се исклучени енергијата и храната, како и во јануари, покажуваат табелите на министерството.
Цените на бензините значително пораснаа на месечно ниво, за речиси 4 отсто, откако во јануари паднаа за повеќе од три отсто.
Цените на храната се задржаа на нивото од јануари, кога пораснаа за 0,4 отсто.