Потрошувачките цени во јануари во САД се зголемија со годишно темпо од 7,5 отсто, што е највисок раст во последните четири децении, објави денеска американското Министерството за труд. Ова се случува кога економијата на САД брзо закрепнува, а пандемијата на Ковид-19 се повлекува.

Американците се соочуваат со повисоки трошоци за автомобили, мебел и апарати за домаќинството. Потрошувачите се соочуваат и со повисоки цени на месото, јајцата како и со овошјето и зеленчукот. Цените на горивата, исто така, се задржуваат на високо ниво.

Инфлацијате е поттикната од проблемите со понудата, побарувачката, нарушена логистика и снабдување, а како резултат на пандемијата.

Потрошувачката на стоки како автомобили или мебел е зголемена по стимулус исплатите лани и во 2020 година и зголемената вработеност изминативе месеци, но сега производителите не можат да испорачаат доволно од нивните производи, кои се соочуваат и со недостиг на камионџии за транспорт на своите стоки.

Економијата во САД на радост на Белата куќа, во јануари покажа успех, закрепнувајќи од пандемијата со побрзо темпо отколку што предвидуваа економистите, напредувајќи за 5,7 отсто во 2021-ва година, што е најбрза стапка за цела година од 1984 година, јави Гласот на Америка.

САД, најголемата економија во светот, додадоа 467.000 нови работни места во јануари, додека стапката на невработеност се намали на четири отсто. Бизнисите додадоа рекордни 6.4 милиони работни места минатата година.

Економистите предвидуваат дека со текот на времето, инфлаторните притисоци ќе се намалат. Но, креаторите на политиката во Федералните резерви (ФЕД), централната банка на земјата, сигнализираат дека следниот месец ќе почнат да го зголемуваат основните каматни стапки за да ја намалат инфлацијата и да ја запрат американската економија од прегревање. ФЕД вобичаено се обидуваат да водат политики што овозможуваат годишна стапка на инфлација од два отсто, многу помала од сегашниот скок на цените.