Во услови на најголемата светска енергетска криза премиерот Христијан Мицкоски очекува инфлацијата да се движи меѓу 3,5 и 4 отсто на крајот од годината. Според неговите зборови, тоа јасно го покажуваат сите економски индикатори и за третиот квартал. Во овој период инфлацијата изнесува 2,5 отсто и претставува најниска во целиот регион, но и една од најниските во рамките на Европа, каде што просекот надминува 3 проценти.
Одговарајќи на дополнително прашање од пратеничката Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ на собраниска седница посветена на пратенички прашања, Мицкоски направи споредба на домашните параметри со оние во опкружувањето. Тој нагласи дека Македонија бележи најниска инфлација во споредба со Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Романија и Турција.
Тој посочи дека актуелниот владин состав затекнал исклучително тешка состојба во институциите при преземањето на власта.
„И се тоа беше предизвик, но ние рековме нема да очајуваме, тоа е што е, довербата е добиена, состојбата не е нула, туку е многу под нулата. За жал, минатото било спој на неспособност и многу криминал и немање јасна стратегија и визија за иднината, а многу јасна стратегија и визија за самите себе“, забележа Мицкоски.
Владата веднаш пристапила кон решавање на наследените долгови и проблеми без одложување на обврските.
„И како резултат на таа работа ние доаѓаме до индикатори коишто охрабруваат во услови на најголемата енергетска криза која што човештвото ја памети, која што денеска се случува, која што не е ни споредлива со ниту една претходна“, истакна Мицкоски.
Тој подвлече дека државата сервисира големи долгови создадени во претходниот период, особено за време на здравствената криза, кога според него имало недомаќинско работење.
„Е сега тие 10-11 отсто зголемен јавен долг од тогаш, денеска ние ги плаќаме, па така следната година треба да вратиме 2,3 милијарди евра, заеми од тогаш, еврообврзница, камати, да презапишеме записи дома и да го финансираме буџетскиот дефицит. А во 2028 треба да вратиме 2,7 милијарди евра. Значи за овие две години се 5 милијарди евра – долгови од порано, камати, да презапишеме државни записи и да платиме“, истакна Мицкоски, додавајќи дека годинава е целосно вратен и солидарниот данок.
Премиерот се осврна и на движењето на цените во минатите години и ги спореди со тековните движења на домашниот и европскиот пазар.
„Иако во тој период просекот во Европа беше двојно помал од тој кај нас. Е сега ние имаме помал за 25% од тој што е просекот во Европа. Сега што ќе кажеме? Дали е увезена? Дали ние па извезуваме можеби во Европа инфлација? Се разбира не. Тоа е невозможно. Така што можело со добра, јасна, прецизна, продражавна политика, можело да се дојде до тие параметри. Економскиот раст во вториот квартал е 4,3%, во првиот 3,1 или просекот е 3,7%. Во 2024-та откако Државниот завод за статистика го објави ревидираниот, кој што е 3,5%, и 25-та кој што е исто така 3,5% првичниот, очекуваме оваа година во услови на најголемата светска енергетска криза да се движиме меѓу 3,5 и 4% на крајот од годината, бидејќи сите индикатори и за третиот квартал тоа го кажуваат“, истакна Мицкоски.
Позитивните движења во индустриското производство, туризмот, градежништвото и странските директни инвестиции даваат основа за одржување на овој тренд.
„Силен кога велам, споредено со просекот во Европа. Да, во 2005, 6, 7, 8 година ние имаме и пет, 5,5, 6% раст, но тогаш и во Европа е толку. Сега во услови кога во Европа имаме 1, 1,2, ние имаме 3,7, три пати поголем, бидејќи нашиот најголем трговски партнер е самата Европска Унија. Дали е тоа доволно? Не е. Дали тешко се живее? Да, тешко се живее. Не велам јас дека се живее лесно. Но дали се живее подобро од пред три години? Јас ви гарантирам и потпишувам дека се живее. Дали ако продолжиме со овие резултати како влада да испорачуваме и да решаваме проблеми кои што најголемиот дел ги наследивме од минатото ќе се живее за три години од денес подобро од денес? Јас ви гарантирам да, ќе се живее. И тоа е целта на оваа влада“, подвлече Мицкоски.
Тој заклучи дека стандардот постепено се приближува кон европските земји, посочувајќи ги и последните официјални меѓународни мерења на нееднаквоста.
„Целта е да дојдеме до 1,5, 1,3, 1,2 и така да се доближуваме. Тоа се условите. И конечно на крај, Еуростат објавува статистика за 2025 година. Џин индексот во Македонија е најнизок што би значело најдобар во Балканот и еднаков на европскиот просек“, потенцира Мицкоски.
