Храната, угостителството и рекреацијата со најсилен раст на цените

Инфлацијата на годишно ниво достигна 4,1 отсто, покажуваат најновите податоци на статистиката. Најголем раст на цените во изминатата година е регистриран кај храната и безалкохолните пијалоци, додека значително поскапување има и кај рестораните, хотелите, културата и рекреацијата. Цените на мало во 2025 година се зголемени за 3,6 отсто во споредба со 2024 година, а поскапувањето опфатило речиси сите производи и услуги.

Најизразен раст е забележан кај овошјето, кое поскапело за над 17 отсто, како и кај безалкохолните пијалоци со околу 16 отсто. Цените на месото се повисоки за повеќе од 7 отсто, а млекото и млечните производи за над 6 отсто. Единствен исклучок е зеленчукот, кој во изминатата година се продавал по пониски цени.

Владата ги посочува маркетите, светот со спротивен тренд

Иако на глобално ниво се бележи пад на цените, растот на инфлацијата кај нас останува изразен. Според анализите на Владата, клучна причина за високите цени се маркетите, кои, како што се наведува, не го почитуваат законот за нефер трговски практики и применуваат високи маржи. Од Владата тврдат дека располагаат со докази и најавуваат строги мерки доколку ваквото однесување продолжи.

Од Сојузот на стопански комори, чии членки се и трговските ланци, велат дека законот треба да се почитува и дека институциите треба да постапуваат доколку има утврдени прекршувања.

Во меѓувреме, Евростат објави намалување на годишната инфлација во еврозоната, додека ФАО регистрира пад на цените на храната трет месец по ред. Се очекува продолжување на падот кај месото, млечните производи, шеќерот и растителните масла, додека можно е благо зголемување кај житарките.

Првичните владини проекции предвидуваа инфлација од 2,8 отсто за 2025 година, но тие беа ревидирани на 3,9 отсто. За тековната година се очекува пониска инфлација од околу 2,5 отсто.