Годишната инфлација во еврозоната се зголеми на 2,5 проценти во март, при што најголем придонес има растот на цените на енергијата, покажуваат прелиминарните податоци на Евростат.

Во февруари инфлацијата изнесуваше 1,9 проценти, а во јануари 1,7 проценти, додека Европската централна банка ја смета стапката од 2 проценти за цел на стабилна инфлација.

Цените на енергијата пораснаа за 4,9 проценти на годишно ниво, што е најсилен раст од февруари 2023 година. За споредба, тие беа пониски за 3,1 процент во февруари и за 4,0 проценти во јануари.

Цената на свежата храна се зголеми за 4,1 процент во март, наспроти 4,6 проценти во февруари, додека растот на цените на услугите забави од 3,4 на 3,2 проценти.

Основната инфлација, без енергија и свежа храна, изнесуваше 2,2 проценти во март, што е благо намалување во однос на 2,3 проценти во февруари.

На месечно ниво, инфлацијата достигна 1,2 проценти, што е највисока стапка од октомври 2022 година, додека во февруари изнесуваше 0,6 проценти.