Три службени белешки што по службена должност од МВР биле доставени до Јавното обвинителство се клучни за обвинителот Даниел Коцев да побара куќен притвор за екс вицепремиерот Артан Груби. Обвинителството ја образложи одлуката со оценка дека безбедноста на Груби би била загрозена во притвор.
Според неофицијални информации на ТВ 24 од истрагата, на Груби му се заканувала ликвидација од лице со криминален бекграунд. АНБ, според истите информации, ова го добила од надворешна служба пред повеќе од една година, по што податоците биле проследени до МВР, а од таму по службен пат до Јавното обвинителство.
– Пред повеќе од една година до АНБ се обрати разузнавачка служба од соседството со податоци кои ги пресретнале дека на Артан Груби му се заканува опаснсот по живот и ликвидација од лице со криминално минато и познато во криминалните кругови – рекол за ТВ 24 извор од истрагата.
Според истиот извор, по оваа дојава Груби добил полициско обезбедување, кое го користел до бегството од Македонија пред 14 месеци. Во меѓувреме, МВР споделиле и други информации со Јавното обвинителство што стигнале како сознанија од институциите и укажувале дека поранешниот вицепремиер од ДУИ и најблизок човек на Али Ахмети не е безбеден. Една од информациите, според истите извори, стигнала по неговото бегство, но нема детали за другите опасности.
Извори на медиумот од АНБ и од МВР тврдат дека безбедносната проценка на која се повикува Обвинителството како основ за куќниот притвор не е направена по враќањето на Груби. Тој беше уапсен на преминот Блаце и пренесен во притворот во Шутка, каде се задржа само неколку часа.
Официјално од АНБ не сакаат да коментираат, додека од МВР индиректно ги потврдуваат информациите и наведуваат дека полицијата не направила проценка каде Груби би бил побезбеден или понебезбеден.
– Министерството за внатрешни работи, согласно своите законските надлежности ги сподели со Јавното обвинителство сите информации и сознанија со кои располагаше, а кои се однесуваат на конкретното лице, вклучително и информациите од Агенцијата за национална безбедност. Во понатамошната постапка, одлуките за барање и определување на мерките ги носат исклучиво надлежното обвинителство и на судот – велат од МВР.
Директорот на затворот Бобан Утковски изјави дека ниедна институција не побарала ниту направила безбедносна контрола.
