Новиот експресен пат Страцин – Крива Паланка ќе го намали времето на патување

Со пуштањето на новиот експресен пат од Страцин до Крива Паланка, патувањето ќе трае само 10 минути, додека од Крива Паланка до Куманово, наместо еден час, ќе се стигнува за 40 минути. Патот, кој е дел од Коридорот 8, е во должина од 25 километри и се очекува да го поттикне економскиот развој и да обезбеди побрз и безбеден сообраќај.

Изградбата на овој пат започна во 2018 година, а интензивните градежни работи се одвиваа последните шест месеци. Надлежните изразија задоволство од реализираното и најавија дека ќе започне проектирање на нов експресен пат од Куманово до Страцин.

„Овој пат сигурно ќе го забрза протокот помеѓу главниот град Скопје и истокот на Македонија. Ќе претставува витална артерија за поврзување со Бугарија и ќе ја поттикне економијата на овој регион. Очекувам левата и десната страна од патот да се развијат со нови индустриски капацитети и фабрики,“ изјави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, истакна дека овој експресен пат е клучна врска со Бугарија, Турција и остатокот од Европа.

„Во соработка со Владата и Министерството за транспорт и врски, ќе започнеме со проектирање на нов експресен пат од Куманово до Страцин, а ќе се планира и изградба на клучка кај Гиновци,“ рече Трајановски.

Премиерот Мицкоски: Капиталните проекти не треба да се користат за политички поени

Премиерот Христијан Мицкоски апелираше капиталните проекти да не се користат за политички поени и најави дека градежните активности ќе продолжат со иста динамика и на другите патни делници низ земјата.

„Набргу ќе присуствуваме на пуштање на уште една делница од Коридорот 10 Д, како и на првата делница од долгоочекуваната пруга. Се забрза и изградбата на автопатските делници од Коридорот 8 и 10 – од Гостивар до Букојчани, од Кичево до Охрид, и од Прилеп до Битола,“ рече Мицкоски.

Инвестиција 102 милиони евра

На експресниот пат се изградени три клучки и три мостови. Целокупната изградба на експресниот пат Страцин – Крива Паланка чини 102 милиони евра, од кои најголемиот дел се обезбедени преку заем од Светската банка, додека 14 милиони евра се грант од Инвестицискиот фонд.