Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Ѓорѓиева, на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, истакна дека Предлог-буџетот за 2027 година носи значајни развојни компоненти. Таа посочи дека освен низ призмата на финансиските показатели, документот мора да се вреднува според неговата реална развојна функција и конкретните резултати што треба да ги донесе за граѓаните.
Ѓорѓиева нагласи дека еден од клучните предуслови за одржлив економски напредок претставува модернизацијата на патната и општата инфраструктура. Во таа насока, за капитални расходи наменети за инвестиции со Предлог-буџетот за 2027 година се проектирани вкупно 40,8 милијарди денари.
Пратеничката посочи дека директната поддршка за локалната самоуправа е од суштинско значење и мора да остане врвен државен приоритет и во следниот буџетски циклус.
„Она што посебно сакам да го истакнам се капиталните расходи, за кои се предвидени 40,8 милијарди денари. Овие капитални расходи се однесуваат на капиталните инвестиции кои се основа за подобрување на инфраструктурата и создавање услови за економски развој. Капиталната инвестиција не треба да остане само бројка во буџетот. Таа треба да стане конкретен проект со јасен рок, квалитетна реализација и видливи резултати, како што беше во текот на овие две години откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт“, рече Ѓорѓиева.
„Сакам да ја нагласам и важноста на поддршката на локалната самоуправа. Развојот на една држава не се случува само на централно ниво, туку тој започнува и во општините, каде што граѓаните секојдневно ги чувствуваат резултатите од јавните политики преку образованието, детската заштита, културата, противпожарната заштита и комуналните услуги. Сметам дека е важно и понатаму да се создаваат услови за дополнителна поддршка на општините, особено за проектите од локално значење. Граѓаните очекуваат конкретни резултати во средините каде што живеат, а наша обврска е да ги поддржиме сите тие политики што ќе го овозможат тоа“, додаде Ѓорѓиева.
Ѓорѓиева се осврна и на значењето на мерките за вработување, напоменувајќи дека во предложениот буџет се планирани 2,8 милијарди денари за активни политики кои треба директно да стимулираат нови работни места и сеопфатна поддршка на младите луѓе.
„Исто така, сакам да ја истакнам и важноста на активните мерки за вработување, за кои се предвидени 2,8 милијарди денари. Овие средства треба да придонесат кон отворање нови можности за вработување, поддршка на младите и подобро искористување на потенцијалот на домашната работна сила“, појасни Ѓорѓиева.
„Особено е важно да создадеме услови за младите луѓе да ја гледаат својата иднина тука, во нашата држава. Тоа подразбира повеќе можности за работа, подобри услови за професионален развој, поддршка на стопанството и привлекување на инвестиции што ќе создаваат нови и квалитетни работни места“, додаде Ѓорѓиева.
„Нашата обврска не завршува со неговото усвојување, напротив, туку започнува најважниот дел, односно да обезбедиме секој планиран денар да биде преточен во конкретен резултат, а секоја најавена инвестиција да стане реалност“, порача Ѓорѓиева.
