Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска одржа работна средба со амбасадорката на Хрватска во Македонија, Нивес Тигањ, на која се разговараше за продлабочување на билатералната соработка и економските врски меѓу двете земји.

Николоски ја истакна можноста за интензивирање на економската и трговската размена меѓу Македонија и Хрватска, нагласувајќи дека таквата соработка е во заеднички интерес. Тој ги претстави и инвестициските планови на Владата за изградба и модернизација на патните и железничките Коридори 8 и 10, како составен дел од европските транспортни мрежи.

Посебен акцент на средбата беше ставен на проектот за брзата пруга на Коридор 10, која се оценува како клучна за побрз и поефикасен транспорт на добра кон Централна и Источна Европа. Притоа беше истакната и можноста за ангажман на хрватски специјализирани компании во реализацијата на овој инфраструктурен зафат.

Николоски и Тигањ разменија мислења и за актуелните политички состојби во земјава и регионот, евроинтегративниот процес и стабилноста на Западен Балкан.

На средбата беше потврдено дека Македонија и Хрватска имаат одлични билатерални односи, а соговорниците се согласија дека нивното унапредување треба да продолжи и понатаму во духот на меѓусебна соработка и пријателство.