На денешната 14-та седница на Советот на Општина Тетово советниците од СДСМ побараа на дневен ред да биде и иницијативата за поставување спомен-обележје за припадниците на безбедносните сили кои ги изгубија животите на денешен ден, 28 април 2001 во Вејце. Оваа иницијатива беше поддржана само од шест советници, двајцата на СДСМ и четири на ВМРО ДПМНЕ, додека советниците од Движење Беса, ДУИ, ДПА и Алтернатива гласаа воздржано па предлогот не беше ставен на дневен ред.
-Заради оддавање почит кон загинатите припадници на безбедносните сили на Република Македонија, кои своите животи ги загубија во масакрот во Вејце поднесуваме иницијатива согласно член 18 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја Советот на Општина Тетово да донесе одлука за подигање на спомен-обележје. Овие настани не треба и не смее да не разделуваат, напротив тие треба да бидат паметник од минатото, грешките да не се повторат и страдањата да не оживеат, изјави Глигорије Стојановски, советник на СДСМ предлагајќи ја иницијативата.
Тој рече дека иницијативата ја поднесуваат како советничка група на СДСМ, а е по предлог на минситерката за одбрана Славјанка Петровска, која вчера за тоа објави на Фејсбук.
На 28 април 2001 беа убиени четворица припадници на воената единица „Волци“ и полицајци при ОВР Битола – Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).