Неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“ денеска организираше блокада пред Владата против фемицидот, насилството и институционалната неодговорност. Блокадата следи по случајот со насилство врз 21-годишна девојка од Битола, која минатата недела во полиција пријавила дека била давена и задушувана со голи раце од момчето со кого била во врска и од кого според пријавата – година и половина трпела тепање, закани за убиство и психичко малтретирање.
Блокадата почна со извици „уаааа“, „жени“, „живот“, „слобода“, и со едноминутен молк за жртвите на фемицид.
Гледам тука многу полицајци и се чудам зошто толку полиција тука сега за нас. Па ние не сме натрапници! Бараме само децата да ги заштитите. Ништо повеќе не бараме. Да бидат таквите натрапници затворени и притворени. Нашиот натрапник излегува во среда од притвор. После што ќе правиме? Осум дена притвор за тепано чупе повеќе од една година. Го молам министерот, го молам Јавното обвинителство — телефоните се земени на вештачење. Во нив има снимки, видеа, материјали, слики од неа претепана цела. Значи ако не се преземе нешто, ќе си ги земам правдата јас во свои раце. Ме лазат морници при самата помисла на сликите кога ми излегуваат од моето чупе пред очи. Јас ја израснав сама 21 година. Нема да дозволам никој никаков да ми го уништи чупето. Повторно го молам Јавното обвинителство, во телефоните нејзини има многу видеозаписи, убаво да ги прелистаат телефоните. Има внатре што да се види во наредната година дена наназад, истакна Бети Ангеловска, мајка на 21-годишна девојка од Битола.
Замислете, натрапникот од Битола ја тужи мојата ќерка како таа него го тепала, а не тој неа. Замислете! Тој избеган, а си скршил две ребра, но во полицијата медицински извештај за тоа нема, како ќерка ми му ги скршила ребрата. Дали тој си ги скршил кога скокаше, не знам. Но медицински извештај за тоа нема. Сакаат со тоа да нѐ уценат, да повлечеме ние, нашата кривична пријава, па и тие да ја повлечеле. Тоа нема да се случи никогаш! Ќе одам до крај секој ден ако треба тука и сама ќе одам и кој сака да ми даде поддршка дури не излезе правдата за мојата ќерка Емилија. Апелирам до сите девојчиња да не трпат насилство, да пријават. Тој е за во психијатрија да се лекува, а не е за на слобода, а не уште во среда да го пуштат од притвор, после што ќе правиме? Како ќе се заштитиме? Многу ви благодарам на сите, додаде таа, по што учесниците на протестот извикуваа „живот, слобода“, „нема за нас мир“, „нема“, „една за сите, сите за една“.
Од иницијативата најавуваат протест и за во среда, 25 ноември, во 17 часот во паркот „Жена борец“ во центарот на Скопје.
