Дел од студентите случајот го пријавиле во Агенцијата за храна и ветеринарство и во Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Велат дека не се задоволни од хигиената во домот, објавува Мета.

Инсекти во храната од ресторанот во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид се гледаат на фотографиите што изминативе денови повеќе студенти ги испратија до редакцијата на Мета.мк. Студентите велат дека трета недела по ред наоѓаат бубачки во храната во студентската менза. Директорот на домот потврди дека ги видел фотографиите, но вели оти не е сигурен во нивната веродостојност. Агенцијата за храна и ветеринарство добила барање за инспекциски надзор, но не било прецизирано што точно се пријавува за Агенцијата да може да постапи.

„Кујната е отворена и работи, а веќе три недели се случува да наоѓаме бубачки во храната“, пишува една од студентките што испрати фотографија.

Студентите сведочат дека во повеќе наврати се случувало да наоѓаат инсекти во храната, како и во просториите на домот.

Дел од студентите велат дека случајот го пријавиле во Агенцијата за храна и ветеринарство и во Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Тврдат оти не се задоволни од хигиената во студентскиот дом.

„Во мојата порција имаше инсект и пријавив, но директорот ни кажа дека проблемот бил до нас, дека ние ги носиме инсектите преку облека. Исто така во лебот имаше црви и тоа го пријавивме, но не презедоа ништо. Вработените во кујна ни кажаа дека нашле лебарки, дека исчистиле и дека ставиле некаков лепак кој бил отровен“, вели друг студент чие име не го објавуваме по негово барање.

Директорот на студентскиот дом „Никола Карев“, Жарко Куциноски, за Мета.мк изјави дека ги видел фотографиите, но дека не може да потврди дали навистина имало инсекти во храната бидејќи лично не видел такво нешто.

Куциноски вели дека веднаш штом фотографиите стигнале до него, случајот го пријавил во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) од каде извршиле дератизација во студентската менза, но и во студентските соби. Дератизацијата била извршена пред две недели и се очекува деновиве екипите на ЦЈЗ да го повторат процесот.

„Можам да кажам дека фотографија може секој да направи, денеска со напреднава технологија сè е можно. Дојдоа и кај мене со таква фотографија, не можам да потврдам дека е тоа вистина, но во истиот момент реагирав кај Центар за јавно здравје, дојдоа од нивна страна, извршивме дезинфекција, дезинсекција и дератизација во кујната на ресторанот. Од тој момент навака нема никакви поплаки досега“, тврди директорот Куциноски.

Тој појаснува оти по овој случај на студентите во домот им било забрането да изнесуваат храна од мензата и да ја носат во собите, алудирајќи дека инсектите во храната можеби влегле од друго место, а не од кујната.

„Не можам да кажам со сигурност дека е веродостојно. Тој (инсектот) може да биде ставен, да паднал од горе, не значи дека произлегол од кујна. Кога студент ќе ја однесе храната горе, не можам да гарантирам дека такво нешто не може да се случи. Стриктно дадов наредба кај колегите – најголем проблем е студентите што јадењето го земаат во соби, им го забранив тоа, не смее храна од ресторан да се изнесува во соба, а тие цело време го правеа истото, секој ден“, вели директорот на охридскиот студентски дом.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдуваат дека до нив стигнала претставка која се однесува на студентскиот дом „Никола Карев“ со барање да се спроведе инспекциска контрола, но подносителот не прецизирал за какви наводи станува збор за да може Агенцијата да постапи.

„На 23.03.2023 година, до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) пратена е претставка од физичко лице без дефинирани наводи, со иницијатива да се спроведе инспекциска контрола. Поради ова, Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ побара од подносителот на претставката да ги прецизира наводите и да посочи кој е субјектот за кој се иницира спроведување на инспекциска контрола. До овој момент до АХВ не е пристигнато дополнување на претставката за да може Агенцијата да постапи согласно законските надлежности“, велат за Мета.мк од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Студентскиот дом во Охрид, покрај сместувањето на студенти што студираат на државните универзитети, функционира и како туристички оператор кој сместува и странски студенти што плаќаат економски цени за престој.