Државниот пазарен инспекторат нема да го чека утрешниот ден, односно целосното ивршување на одлуките, туку како и досега, така и денеска, излегуваме на терен и ќе извршуваме надзори во сите големи маркети во државава, по сите закони по кои постапува пазарниот инспекторат, изјавии директорот на ДПИ, Горан Трајковски.
Тој додава дека во изминатиот период, инспекторатот беше на ниво на својата задача и во интерес на сите засегнати страни, а најмногу на граѓаните.
Постапувавме и не дозволивме никој да примени нечесни трговски практики, а со тоа и да не ги почитува антикризните мерки на Владата. Вака ќе продолжиме да постапуваме и во иднина, а секое постапување спротивно од законите кои се во наша надлежност ќе биде казнето“, рече тој.
Додаде: „Апелирам и до трговците на мало, но и до трговците на големо, да бидат општествено одговорни и да ги прилагодат цените во согласност со стандардот на граѓаните“.
Пазарниот инспекторат при надзорите ќе опфати поширок обем на закони за постапување, како што се Законот за заштита на потрошувачите, Законот за трговија, Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, Закон за инспекциски надзор, Закон за државен пазарен инспекторат итн.
Ќе повторам и сега, никој не е над законот, а оној кој ќе применува нечесни трговски практики и ќе ги прекрши законите, ќе биде санкциониран. Во зависност од сторениот прекршок, заклучно со денес, постои можност и за затворање на објекти за вршење дејност на определен временски период“, кажа Трајковски.