Инстаграм воведува нова функција која овозможува споделување локација, но корисниците се загрижени
На почетокот на август 2025 година, Инстаграм воведува нова функција „Мапа“ која им овозможува на корисниците да ја споделат својата последна активна локација со избрани следбеници. Иако „Мета“ тврди дека опцијата е исклучена по дифолт и се активира само со двојна согласност, корисниците изразија загриженост дека функцијата може да се злоупотреби за следење и шпионирање, јавува „Н1 Сараево“.
Лансирањето на алатката, слична на Snap Map на Snapchat, предизвика негативни реакции од корисниците на социјалните медиуми. Неколку корисници тврдат дека деталните геолокации би можеле да бидат видливи и без нивна согласност, што создава ризик од злоупотреба од страна на злонамерни лица.
Американските сенатори исто така ја критикуваа функцијата, повикувајќи на дополнителна проверка на можните последици врз приватноста. „Инстаграм“ најави преглед на недостатоците и потенцијалните ризици поврзани со новата опција.
Извршниот директор на „Инстаграм“, Адам Мосери, преку „Тредс“ (Threads) го негираше тврдењето дека функцијата ги открива локациите против волјата на корисниците. Тој истакна дека споделувањето бара двојна согласност и дека компанијата ќе провери двапати сè за да осигура безбедност и приватност на корисниците, пренесува „Си-ен-би-си“.