Образованието е столб на државата и без следење на сите предизвици, кои ги носи новото време неможе да постои едно општетство.
Потребни се вистински реформи, кои треба да поминуваат преку стручни и професионални лица во државата, само на тој начин може да се постигне врв во едукација на децата. Тоа се дел од укажувањата на стручната фела, учесници на меѓународната научна коференција „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи” што од денеска до 18 мај се одржува во Охрид, во организација на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во рамките на одбележувато 75 години од неговото основање.
Покровител на конференцијата е претседателот на државата Стево Пендаровски, кој преку писмо ги поздрави присутните забележувајќи дека образованието е темелот за изградба на здрави личности, кои ќе се стекнат со знаења и вештини нужни за развојот на нашата држава.
– Воспитно – образовните процеси не се нешто статично и неменливо, напротив, тие треба да се прилагодуваат на потребите на оние за кои се наменети, како и на барањата и очекувањата на општествата, во корелација со развојните трендови. Во овој контекст, немерлив е придонесот на оние кои како практичари се вклучени во самиот воспитно-образовен процес и кои се задолжени за негово соодветно имплементирање, се вели меѓу другото во писмото од Пендаровски.
Честитајќи го јубилејот 75 години постоење на Институтот за педагогија, министерот за образование и наука Јетон Шаќири забележа дека со својата наставна и научно-истражувачка работа го збогатува општествениот и јавниот живот на нашата земја.
– Владата и Министерството за образование и наука, зацртаа дека стратешка цел е обезбедување квалитетно образование достапно за секое дете, воспитно образовен систе, кој ќе создава кадар, способен за логично и критично размислување, базирано на анализи и факти. Училиштето да ги подготвува децата да го користат знаењето за решавање на проблемите со кои ќе се соочуваат во иднина, да бидат креативни и активни. Преку воспитно-образовниот процес да се формираат личности кои ги почитуваат и негуваат граѓанските права, толеранцијата и различностите, кои ќе можат да одговорат на потребите на пазарот на трудот согласно забрзаниот технолошки развој, рече Шаќири.
Посака Институтот да продолжи да ја збогатувате педагошката мисла, да создавате врвни практичари и да продолжи да се вградува во целокупниот развој на националниот воспитно-образовен систем.
Педагошката дејност, според ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски, претставува основна движечка сила во едно општество и во образовните процеси во секоја земја.
– Педагозите секогаш се справуваат со низа предизвици и сите промени и реформи што настануваат во оваа дејност треба да одат преку нив. За едно општество да биде развиено и унапредено со сите свои дејности треба педагозите да имаат клучна улога за натамошниот квалитет на образованието, рече Јанкуловски.
УКИМ, нагласи тој, секогаш прави максимални заложби да го подигне квалитетот на образованието и образовниот систем во државата.
– Секогаш се трудиме да ги зголемиме нашите капацитети да се подигнат стандардите за образованието и на тој начин да се постигне максимално еден образовен систем во кој сите наставници, воспитувачи и педагози да бидат максимално добро едуцирани од студенстските денови и понатаму да бидат надградувани во својата професија, додаде ректорот.
Во однос на реформите во образовниот ситем, тој смета дека потребни се вистински реформи во кои треба да биде вклучена стручната фела.
– Треба да бидат направени вистински реформи и да ги следиме сите стандарди и вредности во високо – образовниот европски простор. Сметам дека сите реформи треба да поминуваат преку стручните и професионалните лица во нашата земја, само на тој начин може да се постигне врв во едукација на децата и во предшколска возраст и на основно и на средно образование, истакна Јанкуловски.
Деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев смета дека конференцијата е одлична можност каде околу 200 учесници од 21 земја од Европа и регионот ќе зборуваат за проблемите во една област, посочувајќи дека само на тој начин ќе се дојдеме до поквалитетно образование и поквалитетен развој на најмлади.
– Постојано ги прифаќаме искуствата на поразвиените држави во образованието, проблемот е што регионално се соочуваме со еден поголем проблем за кој малку се зборува, а тоа е масовната миграција на младите. Последните 10 години имаме 40 отсто помалку матуранти, така што покрај пандемијата, ова е еден голем предизвик за образованието, зошто доколку не го решиме тој предизвик ние не можеме да зборуваме за перспективи, забележа Дуев.
Проблемот, нагласи, не е само во нашата држава, посочувајќи дека Европа годишно губи 900 илјади луѓе, што говори дека во наредните 10 години на Европа ќе и требаат минимум 9 милиони работници.
– Тука треба сите ние да се запрашаме кои се нашите перспективи. Треба да ги задржиме младите, да понудиме поквалитетно образование и да ја запреме или намалиме миграцијата на младите кадри во поразвиените земји. Образованието е процес кој се менува. Нашето образование е квалитетно, но мора постојано да се менува и реформира, бидејќи современиот свет многу брзо се развива и многу е тешко високото образование да го прати тој брз развој, зошто да стане некој професор му требаат десет години, а се менуваат работите од година во година, додаде Дуев.
Раководителот на Институтот за педагогија Елизабета Томевска-Илиевска забележа дека пандемијата со коронавирусот влијаела многу на образовниот процес, но оти последиицте допрва ќе следуваат.
– Во сите потсистеми пандемијата влијаеше и нејзините негативни резултати ќе имаат влијание и последици во иднина. Направи голем проблем врз психолошкиот и социјалниот аспект на развојните аспекти кај децата, кај младите но и кај возрасните. Сите бевме затеканти и основното и средното и високото образование. Како професор кога работите со вашите студенти преку монитор го немате визуелниот поглед, не ги чуствувате децата, а ние како педагози велиме дека во наставата треба да се почитува индивидуалниот развој, индивидуализирано треба да се работи со децата-учениците. Не сум сигурна дека преку онлајн наставта во целост се остваруваше овој дел, рече Томевска Илиевска.
Смета дека наставниот кадар мора да има големо трпение, големо разбирање и многу да се работи врз социјалниот и емоционалниот аспект кај децата и некако да успеее не само преку наставните, туку и преку воннаставните активности да се направи компензација на пропуштеното.
Одржувањето на академскиот собир токму во Охрид, според градоначалникот Кирил Пецаков, има голема симболика, затоа што тоа е центар на словенската писменост и култура.
– Ова е духовно светилиште на Свети Климент и Свети Наум, дом на ловороносецот Григор Прличев и место кое низ својата долговековна историја израснал повеќе личности кои играле важна улога во афирмацијата на просветителството и оставиле белег на своето време. Педагогијата е најблагородната наука, бидејќи таа е темелот и расадникот на сите други науки и на сите други професии. Во животот на секој голем доктор, правник, инженер, научник, уметник или политички лидер, постои барем еден учител, кој оставил значајна трага, кој бил мотив и патоказ кон остварување на соништата, рече Пецаков.
Целта на меѓународната научна коференција „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи” е афирмација и промоција на педагошката дејност пред пошироката академска јавност, како и создавање можност за продлабочена соработка со универзитетски професори, образовни експерти, истражувачи, едукатори, практичари и студенти од различни земји.