Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари работна посета на Општина Бутел каде што оствари средба со градоначалникот Дарко Костовски. Активноста е дел од континуираната пракса на посети на локалните самоуправи со фокус врз функционалноста на канцелариите на пратениците за контакт со граѓаните.

За време на средбата меѓу двајцата функционери детално беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка, тековните проекти што се спроведуваат на територијата на Бутел, како и идните планови и приоритети. Соговорниците ја истакнаа важноста од непречена институционална координација и комуникација, со цел поквалитетно унапредување на локалните проекти и поефикасно спроведување на иницијативите од непосреден интерес на жителите.

По состанокот во општинските простории, претседателот на парламентот ја посети и Канцеларијата на пратениците за контакт со граѓаните во Бутел, придружуван од пратеничката Каролина Насковска. За време на овој увид, тој упати порака за максимална искористеност на просторот кој служи за директна релација меѓу граѓаните и нивните претставници во парламентот при решавањето на секојдневните проблеми, предлози и барања.

Гаши потенцираше дека редовното информирање за можностите што ги обезбедува канцеларијата, заедно со електронската платформа за контакт, претставуваат клучни механизми за поголемо приближување на Собранието до граѓаните. Првиот човек на парламентот ја потврди цврстата определба за натамошно јакнење на транспарентноста, отвореноста на законодавниот дом и слободниот пристап за адресирање на сите граѓански потреби низ институционалниот систем.