Нашите бранители успеаја да извршат контранапад одредено време, тие ослободија речиси половина од градот.
Украинските сили се најдоа под нов притисок од руските војници во услови на жестоки борби за контрола на источниот град Северодонецк, изјави денеска регионалниот гувернер Серхи Хејдеј, откако вчера рече дека украинските контранапади успеале делумно да ги потиснат напаѓачите.
-Нашите бранители успеаја да извршат контранапад одредено време, тие ослободија речиси половина од градот. Но сега ситуацијата повторно се влоши за нас, изјави регионалниот гувернер на Луганск, Серхи Хејдеј за националната телевизија.
Хејдеј предупреди дека очекува Русите да ги удвојат артилериските бомбардирања што претворија голем дел од регионот во урнатини. Железничкиот центар е под немилосрдно руско гранатирање со недели, а според извештаите минатата недела руските сили успеале да контролираат 80 отсто од него.
Руските трупи сега го гаѓаат Славјанск, во областа Донецк во источна Украина и ја продолжија својата офанзива кај Свјатихорск, околу 20 километри северно од Славјанск, претрпувајќи загуби, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Британското разузнавање денеска сугерираше дека туркањето на руските трупи кон Славјанск е дел од нивниот обид за опкружување на украинските сили.