Интензивни градежни активности низ градот

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека градежните активности низ градот се одвиваат со полн интензитет, со цел модернизација на инфраструктурата и подобрување на условите за граѓаните.

„Посветено за Скопје, секој ден! Градежните активности се одвиваат во полн ек, речиси насекаде низ градот, како јасен доказ дека дадениот збор станува дело“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.

Реконструкција на важни сообраќајници

Во тек е втората фаза од реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“, една од главните сообраќајни артерии во општина Аеродром. По децении запоставеност, улицата добива нов двослоен асфалт, нови рабници и целосно уредени тротоари.

„Создаваме безбеден, чист и функционален простор – и за возачите, и за пешаците, но и за најмладите и највозрасните сограѓани“, истакна градоначалникот.

Интензивни работи се изведуваат и на улицата „Никола Парапунов“, каде се поставуваат пошироки и побезбедни тротоари, со подобрена пешачка пристапност и современо урбано уредување.

„Просторот добива нов лик, а жителите услови што ги заслужуваат“, додаде Ѓорѓиевски.

Капитални проекти за подобра иднина

Градоначалникот најави дека од пролет, со подобрување на временските услови, ќе започне реализацијата на клучните капитални проекти кои ќе овозможат уште посилна инфраструктурна трансформација.

„Ова е новото време за Скопје. Време на работа, резултати и одговорност. Продолжуваме. Решително и посветено. За Скопје!“, порача Орце Ѓорѓиевски.