Општина Илинден интензивно работи на реконструкција на локалниот пат, улицата „532”, каде во тек е асфалтирање на третиот сегмент од улицата.

Увид во градежните активности денеска направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека динамиката на активностите се одвива согласно основниот проект, а целосната реконструкција на улицата треба да заврши до крајот на месец јули. Градоначалникот Георгиевски додаде дека, од предвидените 2000 метри асфалтирани се 1100 метри од улицата и изградена е пешачка патека во должина од 900 метри со широчина од 1,5 метри.

Реконструкцијата на овој локален пат којшто е од огромно значење за општината и претставува главна сообраќајна конекција меѓу населените места Илинден, Марино и Кадино, е во вредност од околу 30 милиони денари.