Имунизацијата на граѓаните се одвива непречено на вакциналните пунктови низ градовите во Македонија, а интересот на граѓаните е се поголем.

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 453.180 граѓани, велат од Министерството за здравство.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 265.164 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.036 граѓани, а во текот на вчерашниот ден вкупно се вакцинирале 4.299 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 462.415 дози вакцини, а ревакцинирани се 197.251 граѓани.

– Со последните бројки 48 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 36 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, информираат од министерството.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.