Во Варшава денеска ќе се одржи меѓународен хуманитарен концерт-маратон насловен „Save Ukraine – #StopWar“, каде музичари, активисти, актери, спортисти, уметници и волонтери од целиот свет ќе ја искажат својата поддршка за Украина.
Настанот ќе трае два часа и ќе се пренесува на повеќе од 20 телевизии ширум Европа и светот, како и на стриминг платформите и социјалните мрежи. Пред, за време и по настанот ќе се собираат и средства за хуманитарна помош за народот на Укрина.
Глобално, настанот ќе може да се проследи на јутјуб каналот, како и на 1+1 International, ICTV Ukraine, Inter+ и на Ukraine24.
Како што е најавено, домаќини на настанот ќе бидат Тимур Мирошиченко и Маша Ефросинина. Помеѓу познатите бендови и уметници кои ќе настапат се наоѓаат имиња како Imagine Dragons, Nothing But Thieves, Fatboy Slim, Крег Дејвид, евровизиските победници Салвадор Собрал и Нетта, но и други познати личности кои ќе се обратат како гости пред гледачите.
Графичкиот симбол на телетонот, кој служи како основа за целата визуелна комуникација, е сончоглед создаден од Даниел Скрипник, украински уметник. Организаторите на настанот велат дека ваквата соработка може да допре до поголема публика бидејќи на делата на Даниел им се восхитуваат луѓето во многу земји ширум светот.
Организаторите го нагласија фактот дека собирањето средства треба да се спроведе преку официјалните сметки на Народната банка на Украина и Министерството за социјална политика на Украина. Средствата ќе бидат наменети за задоволување на потребите од храна и за сместување на бегалците и граѓаните кои ги напуштиле своите домови, за да им се обезбедат облека и обувки, лекови и медицинска опрема, да се обезбедат основните потреби, еднократна парична помош, за задоволување на други приоритетни човечки потреби.