Интернатот во Кавадарци во кој престојуваат седумдесетина ученици, преминува во ингеренција на Општината, ваква одлука едногласно беше донесена на денешната деветта вонредна седница на кавадаречкиот општински Совет.
Претседателот на Советот, Стојанче Рамов појасни дека Советот постапува по насоките од Министерството за образование и наука за преземање на ученичките домови. На седницата беше донесен нов статут на ученичкиот дом, а ќе следува и донесување на сите други акти за нормално функционирање на домот.
Градоначалникот Митко Јанчев рече дека одлуката е во интерес на средното образование и во интерес на средношколците кои се од други општини, а се школуваат во Кавадарци.
– Интернатот е од големо значење за двете стручни средни училишта во Кавадарци, земјоделско – шумарското и електро – машинското, во кои има нови смерови и дуално образование, рече Јанчев, нагласувајќи дека условите за престој во домот ќе бидат на повисоко ниво.
Тој нагласи дека догодина очекуваат над 100 ученици во интернатот, а капацитетот е до 140 средношколци. Иако, како што рече, во моментов интернатот е во незавидна состојба, долг од околу два ипол милиони денари и со неколку неисплатени плати за вработените. Јанчев најави и реновирање и подобра вкупна состојба во домот. Тој информираше дека интернатот ќе добива и блок дотации од Министерството за образование и наука.