Премиерот Христијан Мицкоски вели дека барањето за интерпелација на претседателот на Собранието Африм Гаши е незрело и глупаво. Тој денеска уште еднаш повтори дека нема да ја поддржат интерпелацијата поднесена од Левица.
„Јасен е нашиот став како ВМРО-ДПМНЕ дека ова барење е незрело би рекол глупаво однесување на СДСМ, ДУИ и Левица. Апсолутно нема никаков основ за интерпелација на спикерот Гаши. Имаме голем број аргументи зошто нема да ја поддржиме интерпелацијата. Разликата на водењето на Македонија меѓу оваа Влада и онаа на СДСМ и ДУИ е огромна, надежта дека ќе успееме се чувствува насекаде низ земјава“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на основното училиште Стив Наумов во Општина Гази Баба, по повод почетокот на учебната година.
Интерпелацијата против Гаши е поднесена од Левица и, како што велат оттаму, е заснована на седум точки: повреда на секуларноста на државата, скандалот на Меѓународниот аеродром во Скопје, повреда на употребата на македонскиот јазик, повреда на правилата за употреба на државните инсигнии, неконстатирање на престанок на мандатот на Талат Џафери, патувањето во Вашингтон со неговата сопруга и повреда на низа деловнички одредби за нормална работа на пратениците и Собранието и продолжување на лошите практики.
Интерпелацијата е прва точка на дневниот ред на утрешната седница на Собранието.