Интерпелацијата на Љупчо Коцевски денеска во Собранието
Во рамки на 64. седница, Собранието денеска се очекува да ја констатира оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата. Покрај тоа, пратениците ќе расправаат и по интерпелацијата за работата на Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од опозициската партија Левица.
Интерпелацијата поддржана од ЗНАМ и Левица, СДСМ против
За разрешување на обвинителот Коцевски потребни се 61 глас. Левица, која ја поднесе иницијативата, го обвинува Коцевски за селективни истраги, политички притисоци, хаос во Вишото обвинителство во Скопје и неажурност за дивоградбите во главниот град. Поддршка за интерпелацијата најавија и пратениците од ЗНАМ, додека СДСМ веќе соопшти дека нема да гласа за негово разрешување. Ставовите на ДУИ и ВРЕДИ сè уште не се познати.
ЗНАМ ќе ја поддржи интерпелацијата за Коцевски
Мицкоски: „Ставовите не се менуваат преку ноќ“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека останува на претходниот став даден по пожарот во Кочани, кога рече дека ќе им даде шанса на обвинителите да постапат по службена должност. Тој истакна дека не го менува својот став ниту како човек, ниту како партија. Обвинителот Коцевски, пак, негира дека има постигнат каков било договор со премиерот Мицкоски за негово евентуално разрешување.
Извор: Скопје1