13-та Школа за млади лидери на поранешниот Претседател Иванов е во тек, се одржува во Охрид, во хотелот Инекс Олгица и ќе трае до петок, 30 септември 2022 година. Оваа Школа е од меѓународен карактер, дел од неа се учесници и професори од повеќе земји од светот. Лидер направи интервју со една од учесничките на оваа Школа, докторката Руби Ванг која е родена во Кина, но на 7 години се преселува во Велика Британија. Ванг студирала Медицина на Универзитетот Кембриџ, а магистрирала на Универзитетот Оксфорд во областа на Неврологијата и Психологијата. Во моментот Ванг е менаџер на Lintris, консултантска компанија која се занимава со здравство и природни науки. Претходно работела како раководно лице за здравство како претставник на Британската Влада во Кина, а за време на ковид кризата била ангажирана од Британската Амбасада во Пекинг на мулти милионски проекти со цел да се обезбеди меѓународна соработка и подготвеност за пандемијата и глобалната здравствена безбедност.
Кои беа твоите очекувања од Школата за млади лидери кога аплицираше и дали истите се исполнија?
-Се пријавив на Школата за млади лидери бидејќи дознав за нејзината ценета репутација и прекрасното искуство на предавачите, одличните учесници и алумни организацијата. Сакав да научам повеќе за богатата историја, влијателното наследство и комплексната сегашност на Балканот, особено Македонија, која претходно ја немам посетено. Пораснав помеѓу Истокот и Западот, па верувам дека различните перспективи и култури се интересни, но исто така и важни за размислување. Сакав да бидам дел од оваа Школа за да можам подобро да ги разберам сите области од светот и сите меѓународни перспективи, и да прераснам во лидер каков што посакувам да бидам. Ова за мене е неверојатно искуство и моите очекувања се надминати!
Во врска со темата на Школата, како го дефинираш „моралното лидерство“? Кои карактеристики треба да ги поседува моралниот лидер?
-Во изминатите неколку дена имавме брилијантни интерактивни предавања на оваа фантастична тема. Верувам дека емпатијата, несебичноста и интегритетот се основата на моралното лидерство. Беше прекрасно да се размислува за овие идеи заедно со моите соученици, во присуство на Претседателот Иванов. Се инспирираме од неговата работа и неговиот живот, за тоа како понатаму ќе се развиваме, во која насока, за да станеме лидери во своите професии. Постојано се обидувам да живеам со тие вредности, обидувајќи се да правам добро за себе си и за останатите. Овие три карактеристики ми овозможија да студирам и работам во областа на медицината и ми овозможија да го користам знаењете и искуството за да работам на здравствени политки и техологии. Oткако оваа Школа ќе заврши, ќе го понесам со себе сето стекнато искуство и знаење од тука и ќе продолжам да ја потеницрам важноста на моралот во лидерството.
Што мислиш за Охрид и Македонија и за луѓето кои ги запозна?
-Прв пат доаѓам во Македонија! Сакав да извлечам максимум од ова моја посета, па пред да пристигнам на Школата посетив повеќе места. Навистина е прекрасно што оваа Школа се одржува во Охрид каде пејсажот е зачудувачки, а воздухот е толку свеж. Сето тоа ни овозможува целосно да го искористиме нашиот потенцијал.Пред да стасам во Охрид бев во Скопје, Тетово и Крушево. Секое место е посебно убаво и се разликува по храната, историјата и културата. Запознав дружељубиви и насмеани луѓе секаде каде што бев, ја задоволив мојата љубопитност за патување за коja мислам дека е еднa од најголемите уживања во животот. Благодарна сум за оваа можност да ја посетам Македонија и да научам нешто повеќе за неа. Планирав да посетам многу други места, како Прилеп и Битола, но мислам дека овие места ќе ги оставам за моето следно доаѓање!
Која е твојата порака за младите луѓе кои сакаат да станат лидери во иднина? Кое е најважното нешто што ќе го запаметиш од оваа Школа?
-Мојата порака би била дека оваа Школа за млади лидери е прекрсно искуство кое навистина го променува животот.Неверојатно е како секој ден Претседателот Иванов има толку многу време за нас и е толку отворен и подготвен со нас да ја сподели својата мудрост и своето знаење. Имав желба да ги запознаам моите соученици, да создадам убави пријателства со кои ќе останам во контакт, да зборуваме за различните области од кои доаѓаме и да научиме повеќе не само за културата, историјата, здравствениот систем итн., туку исто така и за најдобрата храна и интересните нешта за Македонија. Вчера вечерта сите заедно го гледавме фудбалскиот натпреварот меѓу Македонија и Бугарија и пиевме Скопско заедно. Сето ова се одлични спомени кои ја прават оваа Школа навистина посебна.