Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 0,1 отсто во 9:30 часот, откако достигна рекордни нивоа во последните четири дена. Од почетокот на неделата доби околу 1,6 проценти. Утрово, лондонскиот FTSE индекс падна за 0,15 отсто, на 7.110 поени, а парискиот CAC 0,20 отсто, на 6.767 поени. Франкфуртски DAX, пак, зајакна за 0,05 проценти, на 15.755 поени.
Инвеститорите не сакаат да ризикуваат
По четири дена постојан раст на берзите, инвеститорите беа претпазливи утрово. Поддршката на пазарот е обезбедена со подобри квартални резултати од очекуваните од европските компании, вклучувајќи го и германскиот Alianz. Но, инвеститорите не сакаат да преземат дополнителни ризици пред објавувањето на извештајот за состојбата на пазарот на труд во САД, што обично има значително влијание врз насоката во која ќе се движат берзите. Во анкетата на Reuters, аналитичарите проценуваат дека бројот на вработени се зголемил за 870.000 во јули, откако порасна за 850.000 еден месец претходно.
Аналитичарите велат дека побавниот раст на вработеноста од очекуваниот ќе го постави прашањето за темпото на закрепнување на економијата, но исто така ќе ги натера американските Федерални резерви (ФЕД) да продолжат да водат блага монетарна политика. Ако, пак, податоците се над очекувањата, тоа би значело дека можно е ФЕД да почнале со заострување на монетарната политика уште пред проценките. И тоа нема да има добар ефект врз берзите на капитал.
Деновиве, потпретседателот на ФЕД, Ричард Кларида, рече дека очекува дека условите за зголемување на каматните стапки може да бидат исполнети до крајот на 2022 година. А на азиските берзи, цените на акциите паднаа утрово, па индексот MSCI на азиско-пациифички акции, без јапонските, беше намален за 0,25 проценти околу 9:30 часот. На берзата во Токио, пак, индексот Nikkei зајакна 0,3 проценти, на 27.820 поени.