Инвестиции и инфраструктура во Росоман

Инвестиции и инфраструктура во Росоман беа во центарот на денешниот народен митинг, на кој се обрати Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на изборната кампања „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори. Главниот фокус на говорот беше ставен на финансиската поддршка и инфраструктурните проекти што Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги реализира во општината.

Владината поддршка и финансиски средства

Николоски истакна:

„Промените во државата се случија минатата година, после големата победа на парламентарните и претседателските избори, и веќе една година и три месеци Македонија пулсира и живее со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во неколку општини вклучувајќи ја и општина Росоман, тие промени ќе се случат на овие локални избори.“

Тој посочи дека Владата издвоила значителни средства за локалната инфраструктура:

„Во случајот со општина Росоман, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ издвои 31,5 милиони денари, или околу 500 илјади евра за изградба на улици во Росоман, меѓутоа досегашниот градоначалник ја нема почнато постапката за истото. Тоа ќе остане наследство за новиот градоначалник, кој што ова ќе го реализира и заеднички ќе работиме и на бројни други проекти кои што ќе ги реализираме во општината.“

Проекти за патишта и индустриска зона

Николоски се осврна и на инфраструктурните проекти поврзани со експресниот пат:

„Успеaвме на почетокот на оваа година да го пуштиме и експресниот пат, првата фаза која што одеше од Градско до Дреново и втората од Дреново до Фариш. Тука е директорот на ЈП ‚Државни патишта‘ и сакам да најавам дека со него веќе работиме на два проекти. Спојот со село Сирково, тоа сме го ветиле и тоа ќе го реализираме, и второто е проширување на спојот помеѓу Росоман и експресниот пат. Има еден спој, но тој треба да се прошири и да стане еден убав модерен пат, којшто го спојува Росоман со експресниот пат и на тој начин да се стига побрзо и до Скопје, но и до Прилеп, до Битола и Росоман да има многу поголема корист од самиот експресен пат, околу кој што може да се развие и цела индустриска зона.“

Тој додаде:

„Тоа е нешто на што треба да размислуваме на следниот период, имајќи ја предвид одличната локација, одличната поврзаност и со автопатот, и можноста компаниите директно да се приклучат на експресен пат. Мислам дека треба сериозно да работиме со новиот градоначалник на формирање на една индустриска зона, каде што ќе можат компаниите да вложуваат, а сигурен сум дека интересот ќе биде голем.“