Најголемиот ветерен парк во Македонија ќе опфати 55 ветерници за напојување на 100.000 домаќинства

На почетокот на изградбата на најголемиот ветерен парк во Македонија ќе присуствуваат и ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николовски и ко-основачот и управувачки партнер на „Алказар енерџи“ Даниел Калдерон.

Проектот, кој е оценет како најголема инвестиција во обновливи извори на енергија во регионот, ќе се реализира на површина од околу 326 хектари, на подрачјето меѓу Штип, Карбинци и Радовиш.

Паркот ќе вклучува вкупно 55 ветерници, со кои ќе се генерира електрична енергија доволна за покривање на потребите на околу 100.000 домаќинства, информираат од компанијата „Алказар енерџи“.

Проектот носи економски придобивки и трајна вредност за државата

Од „Алказар енерџи“ нагласуваат дека реализацијата на проектот ќе донесе бројни придобивки за економијата, бизнис заедницата и граѓаните. Проектот ќе создаде трајна вредност за државата и ќе отвори голем потенцијал за понатамошен развој, особено во делот на обновливи извори и енергетска безбедност.

Ветерниот парк е оценет и како значаен чекор кон националните цели за обновлива енергија, со што Македонија се приближува кон поодржлив и независен енергетски систем.