Иран денеска го обвини Израел и западните разузнавачки служби дека коваат завера за предизвикување на граѓанска војна во Исламската Република.
Разни безбедносни служби, Израел и западните политичари кои испланираа граѓанска војна, деструкција и дезинтеграција на Иран треба да знаат дека Иран не е Либија или Судан, објави на Твитер шефот на иранската дипломатија Хосеин Амирабдолахиан.
Техеран и претходно ги обвинуваше западните противници за поттикнување немири низ целата земја, кои почнаа по смртта на младата Курдка, Махса Амини на 16 септември. Амини почина во полициски притвор откако беше уапсена од полицијата за морал поради наводно кршење на исламскиот кодекс на облекување.
Во Иран вчера имаше серија напади. Седум лица загинаа во југозападниот град Изе во, како што медиумите го опишаа, терористичкиот напад.
Во одделен насилен инцидент, вооружен маж на мотоцикл отвори оган врз неколку припадници на безбедносните сили во централниот град Исфахан, при што уби две лица, а повреди осум.
Ниту една група не презеде одговорноста за нападите, за кои државната телевизија ги обвини „бунтовниците“.