Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини иранското раководство за „неверојатно лицемерие“, откако Техеран демантираше дека се планирани нови разговори со Вашингтон за завршување на војната. Трамп тврди дека поради најавената средба ги откажал планираните напади врз Иран.
Во објава на својата социјална мрежа „Трут соушл“, Трамп наведе дека иранските власти прво побарале средба, но потоа јавно негирале дека се водат какви било преговори.
„Иранското раководство е неверојатно лицемерно. Тие бараат средба, некои дури би рекле и дека молат за неа. Разговорите почнуваат, веќе се закажани нови, а потоа тие отворено и гордо тврдат дека не водат никакви дискусии, дека за ништо не се преговара и дека работат само со Оман“, напиша Трамп.
Американскиот претседател исто така порача дека блокадата нема да биде укината сè додека САД и Иран не постигнат договор или Техеран не се предаде. Тој тврди дека разговорите продолжуваат и дека американската морнарица ја контролира Ормуска Теснина до постигнување договор или целосна капитулација на Иран.
Од друга страна, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, претходно изјави дека нема закажани состаноци ниту какви било преговори со САД. Тој посочи дека Иран во следните денови нема да прима странски делегации, ниту ќе испраќа свои претставници во странство.
„Единствени преговори кои се во тек се со Оман за управување со Ормуска Теснина“, изјави Багаи.
Според него, се разгледува можноста за воспоставување кружна рута за пловидба, наместо користење на повеќе одделни рути, сè додека не се постигне конечен договор. Предлогот предвидува танкерите и товарните бродови да влегуваат во Ормуска Теснина преку северна рута низ иранските територијални води.
По пристигнувањето во пристаништата во Иран или во арапските земји од Персискиот Залив, бродовите при враќањето би ја користеле јужната рута низ територијалните води на Оман.
Ормуска Теснина во најтесниот дел е широка околу 39 километри. Бидејќи Иран и Оман имаат територијални води во ширина од 12 наутички милји, односно околу 22,2 километри, нивните поморски зони се преклопуваат и во оваа област нема меѓународни води.
Според Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето (УНЦЛОС), трговските бродови имаат право на транзитен премин, а блокирањето на нивното движење е забрането. Сепак, Иран не ја признава оваа конвенција.
Предложениот нов аранжман би значел ограничување на слободниот премин во споредба со периодот пред почетокот на воениот конфликт. Иран би можел да има контрола врз тоа кои бродови и од кои земји ќе влегуваат во Ормуска Теснина, а можно е на воените бродови да им биде одбиен премин.

