Врховниот совет за национална безбедност на Иран соопшти дека разговорите со претставници на САД ќе започнат во петок во Исламабад, ќе траат до 15 дена и ќе се одвиваат со посредство на Пакистан. Со тоа се потврдува и ограничена пауза во непријателствата меѓу двете страни, јавува Анадолија.

Условена согласност за разговори

Во соопштението се наведува дека Иран прифатил да влезе во разговори во рок од две недели, откако ќе ги постигне, како што ги нарекува, своите цели на бојното поле. Притоа се нагласува дека ова не значи крај на војната, туку дека евентуалното прекинување на непријателствата ќе зависи од исполнување на иранските услови и финализирање на деталите за „победа“.

Предлог од десет точки и Ормускиот теснец

Иран предложил план од десет точки, кој опфаќа гаранции против идни напади, укинување на санкциите, компензација, повлекување на американските сили од регионот и решенија поврзани со Ормускиот теснец. Воедно, се наведува дека безбедното поминување низ теснецот ќе биде обезбедено во период од две недели, преку координација со иранските вооружени сили, при што ќе се задржи контролата врз транзитот.

„Рацете остануваат на чкрапалото“

Иранските власти истакнуваат дека разговорите се водат со „тотална недоверба“ кон американската страна и дека нивните сили остануваат во состојба на подготвеност. „Рацете остануваат на чкрапалото“, се наведува во соопштението, со повик за зачувување на националното единство за време на преговорите.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе ги суспендираат нападите врз Иран за период од две недели, оценувајќи го тоа како „билатерален прекин на огнот“ поврзан со преговорите и условите околу Ормускиот теснец.