Иран се соочува со петти бран на коронавирусот, поради ширењето на варијантата Делта, предупреди денеска претседателот Хасан Рухани.

– Ако не се посвети доволно внимание на почитување на здравствените протоколи, Иран може да влезе во петтиот бран. Денес, само 69 отсто од граѓаните ги почитуваат мерките на претпазливост”, рече Рухани обраќајќи се на државната телевизија.

Тој додаде дека варијантата Делта дојде во земјата од југ и југоисток и треба да се спречи нејзино ширење.

– Треба да ги почитуваме сите здравствени регулативи, во спротивно ќе имаме проблеми”, додаде претседателот Рухани.

Иран, земја со 83 милиони жители, досега забележа 84.627 смртни случаи поврзани со зараза од Ковид-19, што е најголем број на Блискиот исток.