Техеран предупредува на жесток одговор при евентуален американски напад

Иран јавно порача дека ќе возврати со директни напади врз Израел и американските воени позиции во регионот доколку САД извршат воена интервенција или се вмешаат во случувањата во земјата, под изговор на поддршка на протестите насочени кон уривање на власта.

Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Калибаф, истакна дека секој напад од САД ќе има сериозни регионални последици.

„Секој напад од САД би довел до напад врз Израел и регионалните американски воени бази како легитимни цели“, изјави Калибаф.

Тој дополнително нагласи дека Иран нема да прави разлика меѓу директни и индиректни закани.

„Да бидеме јасни: во случај на напад врз Иран, окупираните територии (Израел), како и сите американски бази и бродови, ќе бидат наши легитимни цели“, рече Калибаф, поранешен командант на Револуционерната гарда.

Поддршка од Трамп за протестите и можни воени сценарија

Изјавите од Техеран следуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно им даде поддршка на демонстрантите во Иран.

„Иран се соочува со СЛОБОДА, можеби како никогаш досега“, рече Трамп.
„Соединетите Американски Држави се подготвени да помогнат!!!“, напиша тој на платформата Truth Social.

Како ќе изгледа таа помош засега не е прецизирано. Според The New York Times, повикувајќи се на американски официјални лица, Трамп бил информиран за можноста за воени напади врз Иран и сериозно размислувал за таков чекор поради насилното задушување на протестите.

Расте бројот на жртви, Израел во готовност

Според Human Rights Activists News Agency (HRANA), во двонеделните немири во Иран досега загинале 116 лица, а илјадници биле уапсени. И покрај речиси целосното исклучување на интернетот, кое според NetBlocks трае веќе четири дена, демонстрации се одржуваат во 185 градови низ земјата.

Реза Пахлави, син на поранешниот ирански шах и политички противник на сегашната власт, од егзил во САД повика на сенационални протести и најави нови демонстрации на централните градски плоштади.

Во меѓувреме, израелски извори соопштија дека Израел е во состојба на висока готовност поради можноста за американска интервенција. Иранските власти, пак, информираа дека уапсиле најмалку 200 лица осомничени како организатори на вооружени групи кои напаѓале џамии, владини објекти и јавна инфраструктура, при што најмалку едно лице било идентификувано како припадник на израелската разузнавачка служба Мосад.