Судирот меѓу САД и Иран продолжува да се шири, откако Техеран соопшти дека извршил нови напади врз американски воени цели на Блискиот Исток, вклучително и врз база во Сирија, што според иранските власти е прв ваков напад.

Новите ирански дејствија следуваат по шестата ноќ по ред на американски воздушни напади врз ирански воени објекти. Американската Централна команда соопшти дека операциите биле насочени кон дополнително намалување на воените способности на Иран.

Според американската војска, биле погодени цели на островот Кешм, во близина на Бандар Абас, како и објекти поврзани со иранската морнарица и Револуционерната гарда.

Во нападите, како што наведоа американските власти, биле користени борбени авиони, беспилотни летала и воени бродови. Погодени биле десетици локации, меѓу кои позиции на противвоздушната одбрана, системи за крајбрежен надзор, логистички капацитети и поморска инфраструктура.

Иран тврди дека погодил американски цели во регионот

Иранските власти соопштија дека одговориле со ракетни и беспилотни напади врз американски воени бази во повеќе земји од регионот, меѓу кои Јордан, Бахреин и Кувајт.

Државните медиуми во Техеран објавија дека Иранската револуционерна гарда нападнала американски команден центар за специјални операции во Ал Танф, во Сирија. Според нив, нападот бил одмазда за иранските војници загинати во претходните американски воздушни операции.

Агенцијата „Ројтерс“ посочи дека не можела независно да ги потврди овие тврдења.

Иранските медиуми, исто така, објавија дека во американските напади биле погодени повеќе мостови, железничка станица во Бандар Хамир и аеродромот Ираншахр.

Државната агенција ИРНА соопшти дека седум лица загинале во напад врз мостови во Бандар Хамир, додека агенцијата Тасним информираше за еден загинат цивил во близина на Чабахар.

Ормускиот Теснец под притисок, расте загриженоста за енергенсите

Паралелно со директните судири меѓу Вашингтон и Техеран, тензиите се зголемуваат и во други делови од регионот.

Во Либан, борци на Хезболах се судриле со израелските сили, додека вооружени групи поддржани од Иран извеле ракетни и беспилотни напади врз американски позиции во Ирак.

Ескалацијата значително го наруши поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец, една од најважните светски маршрути за транспорт на нафта и природен гас. Според „Ројтерс“, нарушувањата повторно довеле до раст на цените на нафтата и зголемена загриженост за последиците врз глобалната економија.

Според извори на агенцијата, Иран повторно ја активирал блокадата на Ормускиот Теснец, додека САД презеле мерки за блокирање на иранските пристаништа.

Истите извори наведуваат дека Техеран сигнализирал можност за дополнителна ескалација преку своите сојузници, вклучително и преку Хутите во Јемен, кои би можеле да бидат охрабрени да го затворат теснецот Баб ел-Мандеб доколку продолжат американските напади врз иранската инфраструктура.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп нема да дозволи, како што рече, продолжување на нападите врз пловните патишта без последици за Иран.

Сепак, таа додаде дека Вашингтон останува отворен за дипломатско решение на кризата.