„Им порачуваме на Американците и нивните израелски пријатели – денес испраќате ракети кои убиваат невини цивили. Вие сте партнери во злосторството што ќе биде казнет, бидејќи ова е крајот на Израел“, рече Ебрахим Раиси, иранскиот претседател.
Пред два дена врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи изјави дека „геноцидот врз Палестинците во Појасот Газа мора веднаш да се запре“.
Израел вети дека ќе го уништи движењето Хамас поддржано од Техеран, кое владее со Газа, откако милитантите на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, убивајќи 1.300 луѓе, повеќето цивили, во најсмртоносниот ден во 75-годишната историја на земјата.
„Никој не може да застане против муслиманите и силите на отпорот ако продолжат злосторствата на ционистичкиот режим врз Палестинците… бомбардирањето на Газа мора веднаш да престане“, изјави Хамнеи пред група студенти во Техеран.
Израелските одбранбени сили објавија дека дошло до значителна ескалација на конфликтот со Хезболах.
Портпаролот на ИД, потполковник Џонатан Конрикус изјави дека Хезболах се обидел да се инфилтрира во Израел и бил спречен од ИД.