Сè уште незакрепнати од ковид-пандемијата, која силно ги погоди европските држави, континентот во 2022 година се соочи со нова незамислива криза – војна во Украина.

Додека некои во кризата видоа шанса за енергетска транзиција, други овозможуваа кризно профитерство финансирано со буџетски пари преку сектори клучни за државата и граѓаните.

Една таква земја е и Македонија, се вели во истражувањето на ИРЛ.

Сѐ започна откако во август 2022 година, кога Министерството за економија објави дека ќе се прогласи состојба на енергетска криза во секторот за електрична енергија за да се обезбеди стабилно снабдување за домашните потрошувачи.

Тоа вклучуваше повеќе буџетски пари за државните компании за производство и транспорт на енергија, како што се Електрани на Македонија (ЕСМ) и Македонскиот електропреносен систем-оператор (МЕПСО). Со дополнителните финансии требаше да се обезбедат доволни количини јаглен и нафтени деривати за домашните термоелектрани.

По повеќе од три и пол години управни тужби против државната компанија ЕСМ и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, кои беа водени од новинарите на ИРЛ поради одбивање да се обелоденат милионски договори за набавка на јаглен, успеавме да откриеме каде завршиле дел од парите.

За време на енергетската криза од 2022 до 2025 година државната компанија склучила договори за набавка на 4,6 милиони тони лигнит, за кои било договорено нетранспарентно да се потрошат над 283 милиони евра.

Парите завршиле кај мал број фирми, најчесто наменски и набрзина формирани за да ги добијат тендерите за лигнит. Станувало збор за примамлив бизнис кој предизвикал интерес кај дури 23 компании да достават понуди на огласите на ЕСМ.

Најскап договор за јаглен, по цена од 70 евра за еден тон без вкалкулиран ДДВ, државната компанија ЕСМ склучила скопската компанија „Зобек мининг груп“. Таа беше во фокусот на јавноста на почетокот на годинава, кога Управата за финансиска полиција го замрзна нејзиниот имот под сомнеж дека таму завршувале државни пари од тендери за инфраструктурно уредување што ги добивала од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ДТИРЗ) додека нејзин директор беше Јован Деспотовски од СДСМ.

Договорот со „Зобек мининг“ бил склучен во септември 2023 година, првично за испорака на 200 илјади тони јаглен за РЕК „Битола“ во рок од една година. Со два анекса количината на испорака била зголемена, прво за 40 илјади тони, па за уште 48 илјади тони, до вкупно 288 илјади тони.

За таа цел компанијата „Зобек мининг“ склучила договор со грчката компанија „Лигниторихиа Ахлада“ која е концесионер на истоимениот рудник за ископ на јаглен, „Ахлада“, во регионот на Лерин, од каде што е набавена целата количина.

Во тој период во грчката јавност се отвори дебата за, како што се велеше, ниската цена по која Македонија увезувала јаглен од овој рудник, па тоа нѐ поттикна да ја истражиме и крајната цена што ја договориле од ЕСМ.

Според официјално соопштение од „Лигниторихиа Ахладас“ пратено до грчкото Министерство за енергетика, а до кое дојде ИРЛ, од овој рудник во 2023 година во Македонија биле продадени 768 827 тони лигнит, по цена меѓу 28-30 евра по тон.

Сопственик на „Зобек мининг“ е македонскиот државјанин Енис Колашинац.

Кога првпат се видовме со него, прво што ни кажа е дека ова е прва негова средба со новинари, иако повеќе медиуми му го споменуваа името кога добиваше тендери од ДТИРЗ, потоа кога се отвори и истрага, но и за набавките на јаглен.

Од увидот на договорите склучени со компанијата „Лигниторихиа Ахладас“ се уверивме дека набавната цена варира од 30 евра за тон во 2023 година до 35 евра за тон годината потоа. Но, Колашинац објасни дека на оваа цена се додаваат и транспортни и логистички трошоци од уште околу 10 евра по тон. Дури и со тоа, сѐ уште имаше голема разлика до договорените 70 евра за тон со ЕСМ.

„Разликата што ја оствари ‘Зобек Мининг’ како профит е околу 3,2 евра по тон од оваа набавка на јаглен“, ни рече Колашинац.

На втората од вкупно три средби што ги имавме со него тој ни кажа дека морал да ангажира и друга компанија која, меѓу другото, требало да врши ископ на јагленот во грчкиот рудник. Кога прашавме која е таа компанија, ни одговори дека е бугарска.

Државни пари за јагленот завршиле кај Вице Заев

Стануваше збор за компанијата „Гомасидра“, регистрирана во Петрич, Бугарија, во сопственост на Вице Заев, брат на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

„Јас воопшто не знаев која е компанијата. За тоа ме информираа од банката преку која одеа плаќањата откако ги прекинаа сите исплати и ми кажаа да си најдам друга банка затоа што ова е фирма на Вице Заев“, ни рече Колашинац кој патем не крие дека е голем пријател со експремиерот.

Збунувачки беше тоа што во договорот на „Зобек мининг“ со грчкиот рудник воопшто не е спомнато дека друга фирма треба да прави ископ. Во членовите 2.1 и 2.2 пишува: „…продавачот (Лигниторихиа Ахладас) се обврзува да ja стави на располагање потребната количина лигнит за испорака според месечниот распоред. Продавачот се обврзува да ги преземе и плати сите трошоци за товарење на лигнитот.“

Веќе на третата средба Колашинац ни го покажа договорот со компанијата „Гомасидра“, која е регистрирана на иста адреса во Петрич со повеќе други фирми на Заеви, а каде што се наоѓа и компанијата „Пауер ај 8“(POWER i8 Ltd) на сегашниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, а за која ИРЛ веќе пишуваше. Договорот не ни дозволи да го фотографираме, туку само да го прочитаме. Најбитно му беше да се задржиме на членот 4, каде што во детали е опишано кои се обврските на фирмата на Вице Заев.

Во договорот за трговско застапување, „Зобек мининг“ се обврзал дека за секој продаден тон јаглен ќе ѝ исплати на „Гомасидра“ по 47 евра, што е повеќе отколку цената на чинење на самиот јаглен, што е од 40 до 45 евра со транспорт.

За возврат, „Гомасидра“ се обврзала:„…во име и за сметка на налогодавецот ‘Зобек’, ќе постигнува договори за купопродажба на јаглен со трети лица, навремено ќе го известува и ќе се грижи за неговите интереси; потоа обезбедување работни простории во непосредна близина на местото на утовар; обезбедување опрема и неопходна механизација; калибрирање на јагленот согласно бараната гранулација; доколку е потребно десулфуризација до потребното ниво на сулфур; отпрашување на јагленот до прифатливо на пепел; и организирање брз и непречен утовар на јагленот и брзо и непречено пристигнување на крајната дестинација иако превозот на јагленот, во смисла на ангажман на возила и транспортни трошоци, е обврска на налогодавачот и тој самиот си ја плаќа“.

Меѓутоа, со овој трошок кон „Гомасидра“, за „Зобек мининг“ да биде профитабилен, јагленот требало да го продава за најмалку 90 евра по тон, зашто по договорената цена од 70 евра немало бизнис-логика да влегува во оваа зделка.

Кога го прашавме Колашинац за оваа пазарна нелогичност, ни рече дека не значи оти сѐ што е напишано во договорот со „Гомасидра“ е исплатено.

Меѓутоа, според податоците за реализираните договори (испорачана количина и исплатена сума) од ЕСМ, договорот со „Зобек мининг“ вреден 20,3 милиони евра за производство на топлина бил исцрпен со помала количина покалоричен јаглен од предвидените, односно 244 илјади тони, така што реализираната просечна цена по тон скокнала до 82,5 евра.

Преземено: Republika

 

Целото истражување на ИРЛ прочитајте го на линкот.