Полицијата, нуркачи и спасувачи трагаат по 32-годишен скопјанец кој исчезнал во Охрид. Потрагата започнала откако неговиот татко пријавил дека тој го напуштил автокампот во кој престојувале, а подоцна на плажата биле пронајдени дел од неговите лични предмети.

Според полициското соопштение, З.С. од Скопје на 14 септември во 18:10 часот пријавил дека неговиот син Б.С. (32) го напуштил кампот.

При натамошното постапување, на плажата биле пронајдени дел од алиштата на исчезнатиот, неговиот мобилен телефон и гумен чамец.

Веднаш по пријавувањето, во потрагата се вклучиле полициски екипи од Езерската полиција и СВР Охрид, членови на Спасителната планинарска служба и тим од нуркачкиот клуб „Охрид“.

Екипите ги пребаруваат водите на Охридското Езеро и копнениот дел во обид да го пронајдат исчезнатиот скопјанец и да ги расчистат сите околности на случајот.