Нов скандал ја стресе Црна Гора по исчезнувањето на Милош Меденица, син на поранешната претседателка на Врховниот суд, Весна Меденица. Полицијата од средата вечерта трага по него, откако исчезнал без трага веднаш по изрекувањето на пресудата со која тој и неговата мајка беа осудени на по 10 години затвор. По налог на судот, вчера е распишана локална потерница.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста и кај безбедносните експерти. Дел од нив оценуваат дека станува збор за најголем безбедносен пропуст во историјата на Црна Гора, бидејќи полицијата однапред знаела кога ќе се изрече пресудата и требало да преземе мерки. Поради тоа, сè погласни се сомнежите дека бегството можеби било договорено.

Претседателот на државата, Јаков Милатовиќ, случајот го оцени како невиден скандал и целосен крах на системот. Тој изјави дека „држава која ќе изгуби осуден за организиран криминал, го губи кредибилитетот“. Премиерот Милојко Спајиќ уште истата вечер побара одговорност од надлежните институции.

Спајиќ на „Икс“ напиша дека информацијата за недостапноста на Меденица за него е неприфатлива. Според него, станува збор за лице кое, согласно пресудата, било организатор на сериозна криминална група што извршила бројни кривични дела во Црна Гора.

Покрај потрагата по Милош Меденица, во тек е и утврдување одговорност за начинот на кој исчезнал. Пресудата била изречена во средата околу 14 часот, а полицијата вечерта добила налог да го спроведе во притвор. Кога службениците пристигнале на пријавената адреса, Меденица не бил пронајден.

Ни Милош Меденица, ни неговата мајка Весна Меденица не присуствувале на изрекувањето на пресудите. Милош Меденица е неправосилно осуден на единствена казна затвор од 10 години и два месеца за шверцување цигари, противправно влијание врз судската власт и спречување на докажување.

Неговата мајка, поранешната претседателка на Врховниот суд, е осудена на 10 години затвор за злоупотреба на службената положба и противправно влијание. Делата ги извршила додека била на чело на судот, до пред шест години. Двајцата треба да уплатат и по 50.000 евра во државниот буџет.

Помали затворски казни добија и десетина членови на криминалната група на Милош Меденица. Тие имаат обврска во буџетот да уплатат нешто над 2,7 милиони евра.

Специјалните обвинители за мајката и синот Меденица побараа казни затвор од по 20 години, како и парична казна од по 100.000 евра. Како причина беше наведена потребата да се испрати јасна порака до Европската унија дека Црна Гора сериозно се бори против организираниот криминал.

Ова е втор голем скандал во Црна Гора во изминатиот месец. Следува по аферата со двајца државни службеници кои поднесоа оставки откако во јавноста протекоа експлицитни видеоснимки и фотографии.