Маж на возраст од 42 години од Тетово, кој бил пријавен за исчезнат, попладнево е пронајден мртов во околината на градот. Телото било откриено во џип „Ауди“, а според првичните информации од МВР, мажот бил застрелан.
Сопругата на починатиот вчера пријавила дека тој излегол од дома околу 18 часот и оттогаш не се јавувал на својот телефон. По пријавата, полицијата организирала потрага, која денес довела до пронаоѓање на телото на нива во тетовскиот регион.
Полицијата работи на расчистување на случајот и утврдување на мотивите и околностите под кои се случило убиството.
„Утрово во 2 часот во СВР Тетово Б.Б.(33) пријавила дека вчера околу 18.00 часот нејзиниот сопруг А.Б.(42) се оддалечил од домот со патничко со моторно возило „Ауди“ со тетовски регистерски таблици и не се јавувал на телефонските повици. Денес околу 16:15 часот во ниви во атарот на селото Нераште, полициски службеници од Полициско одделение Теарце забележале паркирано возило „Ауди Q5″ со тетовски регистерски таблици. Внатре во возилото е забележано е машко лице, кое не давало знаци на живот. На возачкото стакло имало отвор од испукан проектил и лицето во пределот на главата било облеано во крв, со првично сомневање дека било застрелано со огнено оружје“, соопшти СВР Тетово.
На местото на настанот пристигнал лекар од Итната медицинска помош, кој констатирал смрт. По увидот извршен од јавен обвинител и увидна екипа на СВР Тетово, било потврдено дека починатиот е А.Б. од Тетово.
Полицијата продолжува со работа на целосно расчистување на убиството, а се очекуваат и дополнителни информации од истрагата.
