Исказот на таткото на Вања ја одбележа денешната расправа во судницата
Во една од најтешките сцени од судењето за убиството на Вања, денеска сведочеше нејзиниот татко, Александар Ѓорчевски. Со скршен глас и видливо вознемирен, тој даде детален опис на настаните, ја негираше вмешаноста и зборуваше за болката што ја носи секој ден од кобниот 27 ноември.
„Не сум сигурен колку можам да издржам психички, но решив да сведочам. Го правам тоа за Вања. Во оваа судница беа изречени бројни лаги. Сакам луѓето да знаат дека јас сум истиот човек од 4 декември. Оттогаш наваму, јас сум претставен сосема поинаку од она што навистина сум,“ изјави Ѓорчевски.
Во продолжение од исказот на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, тој рече дека никогаш не ги сретнал ниту познавал обвинетите за грабнувањето и убиството.
„Не ги гледам, не сакам да ги видам – очите ми се затворени. Немам никогаш запознаено ниту еден од нив. А кога ги слушам деталите на секое рочиште – кој ја грабнал, кој ја врзал, каде ја држеле – сето тоа ми го уништува умот. Ако не беа откриени, можеби ќе стореа уште колку вакви грозоморни злосторства,“ посочи таткото.
„За Палевски сум слушал само преку комшии – никогаш не сме се сретнале“
На прашање дали имал контакт со првообвинетиот Љупчо Палевски, Ѓорчевски даде јасен одговор.
„Имам слушнато за Палевски од луѓе во зградата ‘Тифани’, но тогаш дури и го мешав со друг човек. Знаев дека бил инвеститор, дека имал проблеми со објектот и дека живее кај Песталоци. Никогаш не сум се сретнал со него. Првпат дознав кој е кога ме задржаа во полиција и ме прашуваа како сум се поврзувал со него,“ објасни сведокот.
- „Кога исчезна Вања, веднаш пријавивме – апликацијата покажа дека е офлајн“
Тој објасни дека заедно со мајката Зорица, постојано ја следеле ќерката преку апликација на телефон.
„На 27 ноември, Зорица ми се јави цела вознемирена и ми рече: ‘Сашко, ја нема Вања’. Го отворив телефонот и видов дека последна локација и е кај Хаус Гарден на Партизанска. Потоа телефонот беше офлајн. Тоа значеше дека нешто се случило. Зорица ме праша дали да пријавиме во полиција, и јас веднаш ѝ реков – апсолутно да,“ опиша таткото.
Сомневајќи се дека девојчето можеби се носи кон Косово, Ѓорчевски тргнал со автомобилот кон Блаце. Но, набргу се вратил откако му било предложено да прегледаат снимки од училиштето. Тој смета дека помогнал многу во истрагата, особено преку прибирање видеоснимки со помош на сведокот Гоце Трајковски.
„Нѐ убедуваа дека Вања заминала во Шведска, па дури и дека е во ИСИС“
Александар Ѓорчевски опиша дека полицијата од почеток ја водела истрагата во сосема погрешна насока.
„Ми покажуваа слики од девојчиња и ми велеа да потврдам дали е Вања. Тврдеа дека избегала со дечко во Тетово, потоа дека е во Шведска, дури и дека се регрутирала во ИСИС. Ме прашуваа за станови, коли, пари. Во еден момент, еден полицаец ми рече: ‘Само ти мислиш дека е киднапирана’. И тогаш експлодирав. Му викнав: ‘Киднапирана е, Кире. Киднапирана е!’ Ме убедуваа дека јас сум проблемот. Се чувствував како да сум виновен, а сѐ што правев беше да ја најдам,“ заврши Ѓорчевски.