Натепаниот Христијан Пендиков, охриѓанец кој се декларира како Бугарин двапати сменил исказ во полиција за тоа кој му удирал боксови. Пред полицијата прво кажал дека бил претепан од тројца машки лица, а потоа дека го натапало едно лице. Поради промената на исказот, осомничено е само лицето кое сега е во притвор, а за другите двајца, се собираат информации.

Според информации на „А1он“ камерите ќе бидат клучни за да се открие од колку лица бил тепан Пендиков кој сега се лекува во Бугарија. Од нив се открива како започнала караницата, но и како завршила.

„Оштетениот до сега два пати даде свој исказ во постапката и е достапен на органите на прогонот. Освен тоа, тој има правен интерес да учествува во постапката. Јавното обвинителство нема ниту една законска основа да задржува оштетено лице“, велат од охридското Обвинителство.

Засега нема официјални информации зошто е натепан Пендиков. Неофицијални се информациите дека ќотекот го добил поради тоа што се декларира како Бугарин. Во меѓувреме, се појавија информации дека тој се познавал со лицата кои го натепаа од претходно, а причината е нерачистени сметки.