Поранешниот претседател на Србија и лидер на Социјалдемократската партија, Борис Тадиќ, упати остри обвинувања кон актуелниот претседател Александар Вучиќ, тврдејќи дека зад инцидентите на денешните локални избори стојат структури блиски до власта.

Тадиќ на социјалната мрежа Х напиша дека Вучиќ „ги испратил своите орди на злото – насилници и закоравени криминалци“ во десет градови каде се одржуваат избори.

„Тоа го направија фашистите на Мусолини. И затоа основата на денешниот прогресивен режим, исто како и фашистите, е само бруталното насилство како идеологија, а само злото и пропаста на Србија можат да произлезат од таква идеологија“, наведе Тадиќ.

Тој ги повика граѓаните да излезат на гласање, оценувајќи дека „борбата против прогресивното зло е обврска“.

Локалните избори денеска се одржуваат во десет општини – Лучани, Кула, Смедеревска Паланка, Аранѓеловац, Бајина Башта, Бор, Мајданпек, Кладово, Књажевац и Севојно – каде граѓаните избираат локална власт за наредните четири години.

Изборите се сметаат за политички тест за власта, во услови на претходни масовни протести предводени од студентското движење, на кои се бараа реформи, борба против корупцијата и поголема независност на институциите.

Гласачките места се отворени до 20 часот.