Од кумановското село Шупљи Камен денеска почна изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка. Компаниите изведувачи се на терен, а надлежните со изградбата очекуваат поврзување на регионот, економски развој и регионална соработка.

На официјалната церемонија присуствуваа премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, Димитар Ковчевски и Галаб Донев, министри, директори, претставници на Европската унија во Скопје и на меѓународни финансиски институции.

Според премиерот Ковачевски, станува збор за стратешки и капитален проект којшто ќе го поврзе регионот и ќе отвори нови европски рути за железнички превоз. Вели дека го разбира скептицизмот за изградбата на железницата, што почна во 1994-та, нагласувајќи дека рехабилитацијата и зафатите на Коридорот 8, стануваат реалност.

– Со посветена соработка градиме наша заедничка иднина, обезбедуваме можност за стопанството, бизнис заедницата, вложуваме во функционално модерно железничко поврзување, вложуваме во поврзување на целиот овој регион. Оваа инвестиција на Северна Македонија отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата Бургас и Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија, што е од исклучителна важност за нашата економија, но и генерално за соработката во регионот во целина, како и соработка на регионот со други региони во Европа, рече Ковачевски.

Во услови на економско-енергетска криза, како што посочи, важно е поврзувањето и добрососедството и поддршката од ЕУ со која се овозможува изградба на модерна и ефикасна железничка мрежа.

– ЕУ е наш партнер во процесот на реформи, европскиот пристап начин на работа и живот, сето она кон кое ние целиме, а тоа секако вклучува модернизиран железнички сообраќај кој ќе ја олесни комуникацијата меѓу земјите во регионот. Токму затоа овој проект е особено важен како за нас, така и за нашите соседи. РСМ помина еден долг, сложен период на политичка и економска, би рекол, агонија и неизвесност. Патот по кој чекориме сега е пат на развој и напредок на македонското општество како целина. Со одлуките кои ги донесовме за отпочнување на преговорите со ЕУ, вложуваме во развојот на СМ, вложуваме во нејзиното меѓународно позиционирање и политички и економски. Нашата европска ориентација како Влада носи резултати, рече Ковачевски.

Премиерот на Бугарија смета дека изградбата на железницата ќе даде нова вредност на регионот. Тој истакна дека со задоволство ја прифатил поканата на премиерот Ковачевски да присуствува на церемонијата за одбележување на почетокот на изградба на источниот дел на Коридорот 8 кој, потенцираше е за Бугарија до Северна Македонија и за Албанија.

– Истиот без сомневање ќе придонесува и за додадената вредност за развојот на целиот наш регион. Во минатите над 140 години се реализираше инфраструктурата којашто беше потребна за денешниот Коридор број 8, тој беше желба на многу генерации од двете страни на границата, рече Донев.

Во услови на енергетска криза, смета Донев, важно е директното поврзување кое ќе придонесе за економски раст и зголемување на размената на земјите.

Според вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, железнички Коридор 8 е еден од најголемите инфраструктурни инвестиции земјава.

– Годината пред нас ќе биде исполнета со инфраструктурни работи, но и ќе ги подобри квалитетот на животот на луѓето, ќе ја развие економијата на нашата држава. Ќе има работа за сите и ќе биде добро за сите, рече Груби.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, смета дека ова е ново поглавје во изградбата на македонската инфраструктура и дека визијата за европска држава не е повеќе желба, бидејќи овој проект е дел од европската перспектива за развој и просперитет на државата.

– Успехот е заеднички, покажавме упорност, одлучност и ја започнуваме најголемата инвестиција во железничката инфраструктура во независна Македонија од 1991 година до денес, во вредност од 200 милиони евра, вели Бочварски.

Тој додава дека се исправени пред голем предизвик за завршување на Коридорот 8 и оската Исток-запад како дел од пан-европските коридори.

– Изградбата на оваа железничка линија од Куманово до Крива Паланка и во следната фаза од Крива Паланка до Бугарија е инвестиција од над 600 милиони евра и претставува сериозен чекор во развојот на регионалната железничка инфраструктура, рече Бочварски.

Делницата од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар, е инвестиција во вредност од 40 милини евра. За втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка се инвестира 155 милиони евра за изградба на 34 километри нова пруга.

Евроамбасадор Дејвид Гир, кој исто така присуствуваше на денешната свеченост, оцени дека ова е вистински стратешка иницијатива што ќе помогне да се промовира регионалната трговија, да се намали времето на патување и да се поттикне одржливиот економски раст.

– Иницијативата практично ќе ги помогне и нашите напори за добрососедски односи и за остварување на климатските цели и загадувањето. ЕК и ЕБОР ќе инвестираат повеќе од милијарда евра во проширувањето на железничката линија од Северна Македонија до Бугарија и ова е убедливо најголемата инвестиција што ЕУ ја направила во оваа држава, изјави Гир.

Јасно е, вели Гир, дека железницата се враќа на сцена. Таа е повторно иднината, и тоа одржлива, зелена и попросперитетна иднина.

Анди Аранитаси од Европската банка за обнова и развој, нагласи дека железницата е еден од врвните приоритети на ЕБОР на Западен Балкан и најави дека ќе продолжат со слични инвестиции и во иднина.

– ЕБОР е најголем давател на финансии за Северна Македонија и досега се дадени повеќе од 1,1 милијарда евра, но железницата е во нашето срце и досега се дадени 250 милиони евра и ќе дадеме уште 100 милини за делот од Крива Паланка до границата со Бугарија, а ќе ја поддржиме и изградбата на западниот дел од Кичево, посочи Аранитаси.

Директорот на ЈП „ЖРСМ Инфраструктура“ Хари Локвенец, посочи дека завршена е експропријацијата и дека трасата е испитана во однос на археолошките наоѓалишта. Тој најави дека ќе има седум железнички станици од Куманово до бугарската граница.

– Преку овие активности како МЖ и како македонска држава покажуваме дека не сме само географски дел од Европа, туку и дека имаме капацитет и волја да бидеме рамо до рамо со нашите европски пријатели во имплементацијата на европските стратегии, рече Локвенец.

Проектната динамика е работите да бидат завршени до 2027 година.

Делницата Бељаковце – Крива Паланка се гради со финансиска помош на ЕУ обезбедена преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ). Грантот финансиран од ЕУ-ВБИФ од 75 милиони евра, дополнет со национален придонес од 1 милион евра, е доделен за да се доближи овој железнички дел до современите стандарди.

Работите ќе се изведуваат од октомври 2022 година до крајот на 2025 година и опфаќаат тунели во должина од 5,5 километри, железнички мостови, над и подвозници, железнички станици и стојалишта, како и нов систем за сигнализација и телекомуникација.

Дополнителен грант финансиран од ЕУ од 210 милиони евра е во план за завршување на источниот крај на железничкиот Коридор 8 до границата со Бугарија, информираше Канцеларијата на ЕУ во Скопје во пресрет на денешните активности. Во февруари, лани ЈП МЖ Инфраструктура преку Европската банка за обнова и развој распиша нов тендер во кој ги спои првите две делници. Тендерската постапка се заокружи со изборот на новите изведувачи „Ѓулермак“ и „Штрабаг“ и потпишување договор во јули годинава.