На граничниот премин Табановце е спречен обид за нелегален пренос на кеш пари во износ од половина милион евра, соопшти денеска директорот на Царинската управа, Бобан Николовски. Како што информира Николовски, парите се пронајдени во специјално конструиран бункер во минибус, спакувани во ќеси.

„Девизите и возилото се трајно одземени, а сторителот е државјанин на Албанија и веќе има изречено судска пресуда во судот во Куманово. Минибусот е сопственост на туристичка агенција од Албанија, а биле превезувани седум патници“, вели Николовски.

Парите се откриени со скенер, кој утврдил преправка на возилото.

Според директорот, чии се еврата ќе треба да утврдат другите надлежни институции, но извесно е дека ќе се влеат во државниот буџет и ќе се искористат за нови патишта, болници училишта,…

Цариниците кои ги запленија еврата, ќе бидат наградени со по 10.000 денари.

„Ова е најголема заплена досега во историјата на Царинската управа на Република Македонија. Девизите и возилото се трајно одземени, а сторителот, државјанин на Албанија, со иницијали Џ. Г., кој управувал со минибусот, е соодветно гонет, за што веќе е изречена судска пресуда од Основниот суд во Куманово.
Обидот е откриен во акција на Одделението за оперативни работи на влез на државниот граничен премин Табановце, во која е извршена детална контрола на минибусот, сопственост на туристичка агенција од Албанија со која биле превезувани седум патници“, рече Николовски.

Согласно закон, запленетите девизи уште веднаш се предадени во Агенцијата за привремено одземен имот, а потоа се депонирани во Народната банка.

„Сакам јавно да се заблагодарам на тимовите од Одделението за оперативни работи за брзата реакција и школски одработената професионална контрола. Апелирам до сите, дека секој обид за нелегален прекуграничен пренос на готовина и обид за криумчарење ќе биде најстрого санкциониран од страна на царинските службеници при Царинската управа“,потенцира директорот на Царината, Николовски.