Дипломатски чекори кон крај на конфликтот
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин бил „многу продуктивен“ и дека Русија му честитала на САД за постигнатиот мир на Блискиот Исток, настан што, според Путин, бил сонуван со векови. Трамп нагласи дека успехот во регионот може да помогне во преговорите за завршување на војната меѓу Русија и Украина.
„Путин се заблагодари на првата дама, Меланија, за нејзиното ангажирање со децата. Тој рече дека ова ќе продолжи и покажа голема благодарност“, рече Трамп, додавајќи дека тие разговарале и за трговските односи меѓу Русија и САД по завршувањето на војната.
Локација за преговорите – Будимпешта како центар на дијалогот
„На крајот од разговорот се договоривме следната недела да се одржи состанок на нашите високи советници. Првите средби од американска страна ќе ги води државниот секретар Марко Рубио заедно со други официјални лица. Местото за состанокот треба да се одреди.“, рече Трамп, додавајќи дека тој и Путин ќе се сретнат на договорена локација во Будимпешта, Унгарија, со цел да се обиде да се стави крај на оваа „неславна војна“ меѓу Русија и Украина.
Трамп најави и средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната канцеларија, каде ќе се дискутира телефонскиот разговор со Путин и други теми.
„Верувам дека се постигна голем напредок со денешниот разговор“, заклучи Трамп.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан потврди дека е закажана средбата меѓу претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин во Будимпешта.
„Средбата меѓу лидерите на САД и Русија е значајна вест за сите кои се залагаат за мир ширум светот. Ние сме подготвени!“, напиша Орбан на Икс.
The planned meeting between the American and Russian presidents is great news for the peace-loving people of the world. We are ready!
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) October 16, 2025
Орбан се наметнува како еден од највлијателните европски лидери, откако Унгарија ја доби честа да биде домаќин на историскиот состанок меѓу Трамп и Путин.