Социјалистичката партија на Србија (СПС), според досегашните информации, на вонредните парламентарни избори освои само 2,3 отсто од гласовите, што е под изборниот праг од три проценти. Овој епилог значи дека социјалистите за првпат од 1990 година, односно од воведувањето на повеќепартискиот систем во земјата, нема да бидат парламентарна партија и нема да имаат свои пратеници во Собранието на Србија.

Доколку резултатот од 2,3 отсто биде целосно потврден по завршувањето на броењето, тоа ќе значи дека поддршката за социјалистите во однос на изборите во 2023 година паднала за 4,25 процентни поени, а во однос на 2022 година за дури 9,14 процентни поени. Освоените 2,3 отсто од гласовите претставуваат убедливо најслаб изборен резултат на СПС на сите досегашни парламентарни избори.

Драстичниот пад на довербата кај гласачите доаѓа во период кога партијата ја напуштија голем број истакнати функционери и членови, што го отвора прашањето колку токму внатрешното осипување и губењето на долгогодишната партиска база влијаеле врз ваквиот изборен исход.

За споредба, на парламентарните избори одржани во 2023 година СПС освои 6,55 отсто од гласовите и 18 пратенички мандати, додека на гласањето во 2022 година партијата имаше 11,44 отсто од гласовите и 31 пратеничко место.

На вонредните парламентарни избори во Србија победи Студентската листа, која според проекциите освои најмногу пратенички мандати. Во новиот состав на Собранието на Србија влегуваат и листата на коалицијата околу СНС, како и претставниците на партиите на националните малцинства.

Според прелиминарните проекции, листата „Студентска листа – Студентите победуваат“ обезбеди околу 52 отсто од гласовите и 138 пратенички мандати, додека листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ освои 39,3 отсто од гласовите, односно 104 мандати.