Украина, Русија и САД денеска започнуваат први заеднички трилатерални разговори од почетокот на руската инвазија

Трилатералните преговори во Абу Даби се сметаат за клучен дипломатски момент за Украина и потенцијален тест за искреноста на Москва за мировен процес. Американски, руски и украински претставници ќе се сретнат за прв пат од почетокот на војната во февруари 2022 година. Средбата следува по неодамнешната посета на американски дипломати во Москва, која Кремљ ја оцени како „корисна“ и „многу отворена“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Светскиот економски форум во Давос истакна дека со САД е постигнат начелен договор за американски безбедносни гаранции во случај на мировен договор. Тој додаде дека прашањето за територијалниот интегритет останува клучно и дека токму тоа ќе доминира во разговорите.

„Сè се сведува на прашањето за територијата“, рече Зеленски.

Американската делегација ја предводат Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои пристигнаа директно од Москва. Украина испраќа свои највисоки функционери, меѓу кои Рустем Умеров, Кирило Буданов, Давид Арахамија и началникот на Генералштабот Андриј Хнатов. Руската делегација ја предводи адмирал Игор Костјуков, а рускиот изасланик за инвестиции Кирил Дмитриев ќе се сретне одделно со американските претставници.

Сè уште не е потврдено дали трилатералните разговори ќе се одвиваат на иста маса за сите страни или кога точно ќе започнат, ниту дали ќе резултираат со конкретен напредок. Според украинските власти, американскиот мировен план од 20 точки е речиси готов, но остануваат сериозни пречки, пред сè руските барања за територии што Москва не ги контролира целосно.

Би-Би-Си оценува дека овие преговори се „клучен момент“ за Украина. Киев мора да покаже максимална подготвеност за соработка за да ја задржи американската поддршка, која е од суштинско значење за одбраната од руската агресија. Сепак, Украина изразува сомнеж во намерите на Москва, особено поради засилените руски напади врз цивилната енергетска инфраструктура.

Зеленски јасно нагласи дека источните региони и Донбас остануваат „црвена линија“ преку која Украина нема да помине, без разлика на понудите за мировен договор.