Затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато

 

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека подолг временски период вршеле кривично дело – Даночно затајување. Имено, тие лица се осомничени дека затаиле данок во големи размери.

Во период од пет години, од почетокот на 2020 до крајот на 2024 година, осомничените затаиле данок и го оштетиле државниот Буџет за вкупен износ од 64.924.298 денари или за повеќе од еден милион евра.

Двајцата, во својство на сопственици и управители на правно лице од Скопје, со намера да избегнaт целосно плаќање на персонален данок на доход од 11,11% и данок на додадена вредност од 18% на кои биле обврзани со закон, дале лажни податоци или воопшто не пријавиле факти од влијание за утврдување на износот на ваквите обврски, па поради тоа дошло до неутврдување на даночната обврска.

Затајувањето го вршеле така што избегнувале да ги пријават законските даночни обврски од трговија со златен накит, златни прачки и необработено сребро, како и необработениот кало-растур.

Ценејќи ги сите околности, пред се ризикот од бегство, можноста да продолжат да го извршуваат делото и опасноста од влијание на сведоците, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.