Кумановец на возраст од 34 години е осомничен за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик, а 37-годишна жителка на Свети Николе е под истрага бидејќи помогнала во извршување на кривичното дело.

Од Основното јавно обвинителство Велес соопштија дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против двете лица откако на 15 март, на автопатот Скопје-Велес, наплатна рампа Сопот, полициски службеници откриле 33,82 грама наркотична дрога хероин која првоосомничениот ја држел во просторот за ракофат до возачкото седиште на автомобил „Рено меган” со штипски регистарски ознаки.

– Второосомничената со умисла му помогнала така што му го ставила на располагање автомобилот кој бил во формална сопственост на нејзината тетка. Со автомобилот двајцата се упатиле по автопатот, но биле запрени од полициските службеници, при што дрогата била откриена и одземена, додаваат од Обвинителството.

Поради сомнение за бегство на првоосомничениот, надлежниот јавен обвинител достави предлог да биде определена мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.